Skip to main content
Македонија

Ангелов: Во Гостивар, вчера и денеска испорачани околу 200.000 литри пакувана вода

23/07/2026  19:53

Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов на прес-конференција на кризниот штаб во Гостивар информираше дека вчера и денеска во Гостивар донесени се 200.000 литри пакувана вода. Ангелов посочи дека станува збор за донации и од Министерството за локална самоуправа, и Општина Неготино. Покрај вода за пиење се работи и на обезбедување доволни количества техничка вода.

-По потреба можеме да обезбедиме дополнителна количина флаширана вода, онолку колку што е неопходно за граѓаните на Гостивар да имаат доволно вода за пиење. Денеска до граѓаните на Општина Гостивар е доставена се над 100 тони техничка вода, рече Ангелов.

Во изјавата, тој посочи дека за надминување на состојбата со водата за пиење во Гостивар ангажирани се 13 цистерни за вода и еден камион со резервоар за вода.

– Моментално во Гостивар има 8 цистерни, а уште пет пристигнуваат во секој момент, заедно со камионот со резервоар, рече Ангелов.

Тој ги кажа и распоредите за на терен:

-Болница Гостивар: цистерна со 5,5 тони техничка вода.
-Здравствен дом: цистерна со 2 тона техничка вода.
-Детска градинка: цистерна со 8 тони техничка вода
-ОВР Гостивар: цистерна со 6 тони техничка вода.

Наскоро, како што рече првиот човек на ЦУК, Ангелов, во Гостивар треба да дојдат и цистерни како испомош од други општини и АРМ.

– Неготино: 1 цистерна (6 тони)

– Кавадарци: 1 цистерна (6 тони)

– АРМ 2 цистерни (една од 10 тони и една од 6 тони)

– Дебар 1 цистерна (2 тона-со можност за носење и вода за пиење)

– Тетово: 1 цистерна (9 тони)

– Струга: 1 цистерна (12 тони)

– Охрид: 1 цистерна (6 тони)

– Скопје: 1 цистерна (10 тони)

– Кичево: 1 камион со резервоар (3 тони).

– Овие цистерни во договор со локалната самоуправа се распоредуваат онаму каде што е најпотребно. Водата за цистерните се полни од околните извори заради штедење на време, што овозможува нивно повеќекратно полнење и празнење во текот на денот, рече Стојанче Ангелов.

За состојбата и помошта која пристигнува во Гостивар зборуваше и градоначалникот Ваљбон Лимани кој појасни дека на состанокот на кризниот штаб биле каде што сите податоци беа донесени како препораки и заклучоци.

Тој напомна дека ЈП „Комуналец“ – Гостивар, во соработка и со помош од експертскиот тим од ЈП „Водовод и канализација“ од Град Скопје, веќе започнаа со активности сè со цел гостиварци што побрзо да имаат пристап првенствено до техничка вода, а набрзо и до вода за пиење.

– Сакам да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на сите општини, колеги градоначалници кои досега излегоа во пресрет, до сите општествено одговорни претпријатија, но исто така и до централната власт за сета оваа организација, со цел што побрзо да се нормализира состојбата во Општина Гостивар, рече Лимани.

На прес конференцијата зборуваше и Изет Меџити, потпретседател на ЗЕЛС (Заедница на единиците на локалната самоуправа).

– Тука сум со еден искрен, човечки пристап, целосно надвор од партиските, етничките, верските или кои било други определби. Во својство на потпретседател на ЗЕЛС. И, централната власт и локалната власт, но и самите општини веднаш изреагираа, сите придонесуваат на свој начин за нормализирање на состојбата во Гостивар. Сите сме ставени во функција да дадеме свој придонес и да помогнеме што побрзо да се нормализира состојбата во Гостивар, а граѓаните да добијат чиста вода за пиење. Тоа е главната цел, рече Меџити на прес конференцијата.

Тој напомна и искажа благодарност до сите кои помагаат, како што рече со техничка вода, некои со вода за пиење, некои со професионални услуги и експертиза.