
Вкупно 750 исплати се реализирани денеска на шалтерите на „АЛТА банка“ АД Битола во Битола, Струмица и Тетово, информираат од Народната банка. Исплатата на средствата продолжува за клиентите кои имаат платежни сметки во банката, но не располагаат со платежни картички, а од денеска им се овозможени и дополнителни банкарски услуги.
Според информациите од Народната банка, граѓаните кои немаат платежни картички можат да подигнат до 20.000 денари на шалтерите во трите града. Покрај во Битола, каде што исплатите се вршеа и претходно, од денеска оваа можност е достапна и за клиентите во Тетово и Струмица.
Од централната банка посочуваат дека исплатите се одвиваат непречено, со добра организација и во согласност со претходно утврдената динамика.
Истовремено, од денеска се воведени дополнителни олеснувања за клиентите на АЛТА банка. На шалтерите во Битола, Тетово и Струмица граѓаните можат да вршат уплати за комунални услуги, како и да ги намируваат своите обврски за отплата на кредити.
Со овие мерки се овозможува постепено нормализирање на дел од банкарските услуги, со цел клиентите полесно да ги извршуваат секојдневните финансиски обврски.
Народната банка потсетува дека од оваа недела е зголемен и неделниот лимит за подигање готовина и плаќања на продажните места со платежните картички на АЛТА банка. Наместо досегашните 10.000 денари, клиентите сега можат да располагаат со до 15.000 денари неделно преку платежните картички, во рамките на утврдените ограничувања.
Последните олеснувања доаѓаат по воведувањето на привремените ограничувања во работењето на АЛТА банка, кои предизвикаа загриженост кај дел од клиентите поради ограничениот пристап до нивните средства.
Од Народната банка нагласуваат дека внимателно ја следат состојбата и продолжуваат со активности насочени кон постепено олеснување на условите за располагање со парите на клиентите.
„Приоритет останува обезбедувањето пристап до нивните средства и непречено извршување на платежните услуги за клиентите на Банката“, посочуваат од Народната банка.
Засега, олеснувањата се спроведуваат постепено, а од централната банка не прецизираат кога би можело целосно да се укинат ограничувањата и да се воспостави редовен режим на користење на сите банкарски услуги.


