
Министерот за здравство Азир Алиу денеска информираше дека странската Комисија која ги проверувала сомнителните случаи на непотребно извршени операции или упатувања за операции, утврдила сомнителни наоди кај девет од вкупно 13 анализирани предмети.
На денешната прес-конференција, Алиу соопшти дека кај четири пациенти Комисијата оценила дека третманот бил медицински соодветен, навремен и спроведен согласно стандардите на клиничката пракса.
-Од анализираните 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, странската Комисија кај четири пациенти констатираше дека обезбедениот третман во целина бил медицински соодветен, навремен и во согласност со стандарди на клиничка пракса, додека кај девет случаи документација укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, соопшти Алиу.
Како пример, рече Алиу, биле посочени несогласувања меѓу ангиографските наоди од коронографијата и писмените извештаи, по што следувале несоодветни индикации за ендоваскуларни или хируршки процедури.
Азир Алиу најави дека предметите ќе бидат доставени до Влада, како и до Јавно обвинителство и другите надлежни институции. Случаите се од неколку приватни и државни клиники и болници во земјата.


