
Министерот за здравство Азир Алиу во гостувањето во „Ноќно студио“ на „4ТВ“ најави темелна реформа на системот за Итна медицинска помош, чија главна цел е значително намалување на времето на одговор при итни повици и модернизација на целокупната служба.
Алиу истакна дека решението не е само во набавка на нови возила, туку во воспоставување централизиран систем кој ќе биде управуван со современ софтвер и ќе овозможи многу поефикасна организација на терен.
Тој ги сподели и податоците со кои располага Министерството за здравство, според кои македонските граѓани во одредени случаи чекаат Итна медицинска помош и до 40 минути, додека во Словенија просечното време на одговор изнесува меѓу седум и осум минути.
„Времето на чекање кај нас за жал е многу долго. Во Словенија, на пример, тоа изнесува меѓу 7 и 8 минути, додека кај нас граѓаните понекогаш чекаат од 30 до 40 минути. Во здравството времето е лек – не е важна само експертизата на лекарот, туку и моментот кога ќе пристигне до пациентот“, изјави Алиу.
Како дел од реформите, Владата веќе го усвоила предлогот за формирање посебна институција за Итна медицинска помош, која повеќе нема да функционира во рамките на здравствените домови.
„Пред една недела на владина седница помина предлогот за формирање на посебно тело, односно посебна институција за Итна медицинска помош. Таа повеќе нема да биде распарчена како дел од здравствените домови, туку ќе функционира како засебен субјект, со единствен менаџмент и централизирано командување“, нагласи министерот.
Паралелно со организациските промени, Министерството работи и на ново софтверско решение кое ќе овозможи во реално време да се следи движењето на секое возило на Итната помош, како и најбрзата маршрута до пациентот.
Дополнително, медицинските тимови ќе бидат опремени со камери преку кои ќе можат во живо да комуницираат со специјалисти и субспецијалисти од болниците. Така, пациентите ќе добиваат експертска поддршка уште на местото на интервенцијата или за време на транспортот кон болница.
Според проценките, за целосна имплементација на новиот софтвер ќе бидат потребни пет до шест месеци.
Во меѓувреме, завршува и постапката за набавка на 100 нови возила за Итната медицинска помош.
„Административната постапка е во завршна фаза. Доколку нема непредвидени административни пречки, очекувам за месец и пол до два новите возила да пристигнат. Во комбинација со новиот софтвер ќе добиеме модерен, ефикасен и квалитетен систем за Итна медицинска помош“, порача Алиу.


