Skip to main content
Балкан

Акропол и археолошките локалитети во Атина до петок затворени од 12 до 17 часот поради високите температури 

23/07/2025  16:29

Поради топлотниот бран и високите температури што од вчера ја зафатија Грција, археолошките локалитети во Атина, како и Акропол заклучно со петок, ќе бидат затворени за туристи во периодот од 12 до 17 часот, јави дописничката на МИА од Атина. 

Новиот топлотен бран што ја зафати земјата, според најавите и прогнозите се очекува да трае до недела, а четврток и петок веројатно ќе бидат најтоплите денови.

Вчера, како што објави МИА, во централна Грција била измерена температура од 44,9 степени Целзиусови, што воедно е и највисоката регистрирана во текот на вчерашниот ден, додека пак според податоците на Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, 102 од 550 метеоролошки станици измериле температури над 40 степени.

Акропол и на почетокот на месецов, при првиот топлотен бран во земјата, беше затворен на неколку часа поради високите температури.