Skip to main content
Македонија

АА: Затворањето на нелегалните онлајн казина кои можат повторно да се отворат од кој било дел на светот – политички театар

13/06/2025  18:21

Соопштение за јавност на АА:

Вистинската штета не доаѓа од неколку онлајн платформи, кои можат да се рестартираат за само неколку минути од кој било дел на светот. Вистинската штета е пред нас, во срцето на албанските градови и населби, во близина на училиштата каде што учат нашите деца и уличките каде што растат нашите млади – оние малкумина кои сè уште се надеваат дека ќе ја изградат својата иднина во оваа земја.

Тоа се токму физичките казина, легализирани и поддржани со години од сите последователни влади, во кои и самиот г. Меџити бил активен дел цели 22 години. Тие ја претворија сиромаштијата, очајот и трагедиите на албанските семејства во извор на профит за тесен круг луѓе поврзани со власта. Секој ден, родители, браќа, сестри и невини деца го уништуваат својот живот во долгови, загуби и зависност. Ова не се само бројки за прес-конференции, туку болни приказни – тивки трагедии што се одвиваат во секое албанско семејство, додека политиката молчи или – уште полошо – профитира.

Во време кога Албанија и Косово имаа храброст да донесат јасни одлуки за забрана или ограничување на индустријата на казина и обложувалници, во Северна Македонија власта и понатаму ревносно ѝ служи на коцкарската мафија. Додека на граѓаните им се прикажува како успех затворањето на неколку онлајн страници, легалните казино-империи секојдневно се зацврстуваат, се штитат и се збогатуваат на грбот на нивната мака.

Алијансата за Албанците нема да молчи пред овој срамен политички театар. Ова што се случува не е борба против коцкањето, туку очаен обид да се прикријат долгогодишните врски на политиката со една од најмрачните и најдеструктивни индустрии за општеството. Уништувањето на албанските семејства не се запира со телевизиска пропаганда, туку со храбри одлуки што ќе ѝ стават крај на оваа општествена катастрофа што секојдневно се шири пред нашите очи.

Уште потешко е лицемерието на оние кои денес се претставуваат како „борци” против коцкањето, додека нивните блиски се именувани на клучни позиции во индустријата за игри на среќа – директно станувајќи дел од проблемот.

Вистинската борба против коцкањето не започнува со прес-конференции, туку со тоа што оваа власт не се осмелува да го допре: затворање на физичките казина, гаснење на зависноста која секојдневно уништува цели генерации, враќање на достоинството и надежта за албанските граѓани.

Ова е битката што Алијансата за Албанците ја има земено како обврска и одговорност. Затоа што за АА, ова не е прашање на изјави и пропаганда – ова е прашање на живот.