Skip to main content
Македонија

Мицкоски ја предизвика опозицијата да поднесе иницијатива за предвремени избори

24/11/2026  00:10

Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ, запрашан за тоа дали ќе има предвремени парламентарни избори, истакна дека ќе има редовни избори во пролетта 2028 година, но доколку здружената опозиција поднесе иницијатива за распуштање на парламентот, истата ќе биде поддржана и ќе се оди на предвремени избори.

„Дали ќе има предвремени избори, јас денеска кажав во една моја изјава дека ние имаме редовни избори во пролетта 2028 година, но доколку има некаква иницијатива од здружената опозиција во парламентот, ние сме подготвени да ја поддржиме таа иницијатива. Еве тука се политичките партии од опозицијата, тие делуваат здружено, нека поднесат здружена иницијатива за распуштање на парламентот и тука сме ние. Нема проблем, ќе одговориме позитивно секогаш“, нагласи Мицкоски.

За тоа дали се прави простор за предвремени избори со постапувањето во однос на правосудниот испит и ставот на ЗНАМ во врска со тоа, Мицкоски одговори:

„Нема потреба таа тема да ја третираме и да бараме некакви заговори, некакви тајни договори и слично. Многу е едноставно. Ако сакаат предвремени парламентарни избори, поднесуваат иницијатива за распуштање на парламентот, здружената опозиција, ние ја поддржуваме и одиме на предвремени парламентарни избори. Ние работиме како да имаме редовни парламентарни избори во пролетта 2028 година. Многу едноставно. Не барајте воопшто теории на заговори, сценарија – овој ќе напуштал, тој ќе напуштал.“

Мицкоски исто така додаде дека Владата работи како да ќе има редовни избори, но ако биде предизвикана, ќе одговори позитивно.