
Министерството за образование и наука објави повици за доделување средства во основните и во средните училишта за реализација на активности од програмите за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање на ученици, програми за спречување дискриминација и програма за превенција од употреба на алкохол, пушење, учество во игри на среќа, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанции и малолетничка деликвенција за учебната 2025/2026 година.
На објавените повици (одделно за основните и за средните училишта) може да се пријават сите училишта од државава, а МОН ќе додели средства на најмногу 30 основни и на 15 јавни средни училишта, во висина до 60.000 денари.
Селекцијата со рангирање ќе ја прават комисии кои ќе ги вреднуваат пристигнатите апликации, согласно одредените критериуми.
Едно училиште (основно односно средно) може да се пријави и да добие финансиски средства за активности за една од програмите, согласно претходно направени анализи и проценки од стручните соработници на училиштето, предлози од ученичката заедница, училишниот одбор, советот на општината и Педагошката служба.
Во двата одделни повика на МОН се наведени насоки како треба да се структурирани активностите со кои училиштата би аплицирале, при што, меѓу другото, треба да се наведе планот на активности и целите – кои треба да бидат конкретни, мерливи, остварливи, реални и временски ограничени.
Заинтересираните основни и средни училишта најдоцна до 19 декември 2025 треба да пратат електронска пријава на порталот: http://e-uslugi.mon.gov.mk, а комисии формирани од министерката за образование и наука во рок од 30 дена од денот на завршувањето на јавните повици ќе објави списоци на основни и на средни училишта добитници на средства за реализација на активности од програмите за заштита од насилство, пороци, дискриминација, малолетничка деликвенција…

