Skip to main content
Балкан

Во Турција измерени рекордни 50,5 степени – највисока температура во Европа досега

26/07/2025  14:16

Во округот Ширнак, југоисточна Турција, денеска се измерени 50,5 Целзиусови степени, што е највисока температура регистрирана досега на европскиот континент, јави турското издание „Туркије тудеј“, повикувајќи се на податоци од Турската државна метеоролошка служба.

Температурата е измерена во областа Силопи и го надминува претходниот рекорд од 48,8 степени, поставен во Сицилија, Италија, во август 2021 година. Светската метеоролошка организација официјално го потврди италијанскиот рекорд во јануари 2024 по сеопфатна проверка на инструментите и податоците.

Претходно, рекордот го држеа Атина и Елефсина во Грција со 48 степени, измерени на 10 јули 1977 година, што беше потврдено од Светската метеоролошка организација кога го создаде својот архив на екстремни временски настани во 2007 година.

Според најновите метеоролошки податоци, температурите вчера ја надминаа границата од 40 степени на сенка во 31 округ во Турција, а во целата земја се регистрирани вредности за 6 до 12 степени повисоки од сезонскиот просек.