Skip to main content
Култура

Со легендарното „Комитско“ во Битола почнува фестивалот „Илинденски денови“

26/07/2025  11:11

Со легендарното македонско оро „Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“ од Битола, вечер почнува јубилејното 55. издание на интернационалниот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.

Според востановената традиција, на свеченото отворање ќе му претходи дефиле со песни и игри низ битолските улици во кое ќе учествуваат играорци од земјава и гости од странство, односно од  Полска, Мексико, Хрватска, Индонезија, Грузија и за прв пат од Швајцарија.

-Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“, повеќе од пет децении и во континуитет генерира живо егзистирање на народната култура претставена преку обичај, обред, музика, песна, носија и игра. Фестивалот е дефиниран како светска високо респектабилна, репрезентативна сцена, каде што македонските и ансамблите од целиот свет, низ строго дефиниран сценски израз ги афирмираат своите традиционални вредности во оригинален облик и форма, истакна уметничкиот раководител на фестивалот, м-р Валентин Соклевски.

Јубилејното фестивалско издание почна на 18 јули со стручно-едукативни содржини како дел од придружната програма на големиот кутурен настан, а продолжува со вечери на традиционална, староградска и интернационална музика и игра, кои ќе се одржуваат на платото од Офицерскиот дом во Битола.

Според програмата, освен ансамблите од странство, на првата фестивалска вечер ќе настапат и универзитетскиот ансамбл „Македонија“ од Скопје, КУД „Русалии“ од Секирник, фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибање и КУД „Илинден“ од Битола.