Skip to main content
Македонија

Продолжен е рокот за ангажирање пожарникари за 24.000 денари, Владата вели имало силен интерес

17/07/2025  15:42

Владата на Република Северна Македонија информира дека, поради силниот интерес и позитивниот одзив на граѓаните, се продолжува рокот за пријавување на јавниот повик за ангажирање на 400 пожарникари низ државата до 23 јули среда.

Во продолжение интегрален текст од владиното соопштение:

Одлуката за продолжување на рокот е донесена со цел да им се даде можност на што поголем број заинтересирани граѓани да аплицираат, особено имајќи предвид дека станува збор за значајна мерка која директно го засилува капацитетот на системот за заштита и спасување, особено во пресрет на летната сезона и зголемениот ризик од пожари.

Оваа мерка, која произлегува од Планот за вработување 2025, претставува системско и суштинско вложување во јавната безбедност и грижа за граѓаните. Ангажирањето на 400 пожарникари е прв ваков крупен чекор по повеќе од една деценија и директно одговара на долгогодишниот недостаток на кадар во противпожарните единици.

Владата останува посветена на создавање функционален, брз и ефикасен систем за заштита, а ги повикуваме граѓаните  да ја искористат можноста и да аплицираат. Повикот е отворен за сите квалификувани лица, а сите детали за аплицирањето се достапни на веб- страните на општините.