Skip to main content
Македонија

Будно се следи состојбата меѓу Израел и Иран – Владата активира и кризен штаб во МНР

14/06/2025  15:07

Владата будно ја следи безбедносната состојба на Блискиот Исток, активиран е кризен штаб во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со случувањата помеѓу Иран и Израел.

-Има кризен штаб во МНР и НТ, се следи будно состојбата преку извештаите кои што ги добиваме преку службени канали, така што не би коментирал повеќе од ова што го кажав – изјави премиерот по отворањето на манифестацијата „Од нива до трпеза“ што се одржува денеска во Скопје.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во врска со информациите за влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток вчера апелираше до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран да ги следат националните портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции. Исто така, упати апел до сите македонски државјани да се воздржат од какви било патувања кон земјите од овој регион, до подобрување на безбедносната состојба.

Во врска со присуството на вицепремиерот Иван Стоилковиќ на настани во Руската амбасада, односно дали тоа ќе пречи во билатерални односи со западните земји, премиерот одговори дека не треба да има никаква дилема околу ставот на Владата за руската агресија.

-Ставот на владата околу руската агресија е многу јасен, непроменет и прецизен, исто така и присуството на вицепремиерот Изет Меџити во Одеса е јасна потврда, така што не треба никој да има апсолутно никаква дилема – рече Мицкоски.