
Фотографии на уловени парчиња крап од Охридското Езеро вчера се проширија на социјалните мрежи. Активисти на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“, посочуваат дека станува збор за фотографии што ги направиле рибари ангажирани од концесионерот „Питон“ што стопанисува на потегот на езерото од Канео до Подмолје, односно риболовната зона „Воска“.
Спорното во конкретниот случај е што крапот е изловен во период на мрест кога тоа е строго забрането.
Според табела 6 поместена во Риболовната основа за управување и користење на рибите и другите водни организми во риболовното подрачје Охридско Езеро, донесена од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на 24.10 2024 година, периодот за мрестење на крапот е IV, V и VI месец.
„Во Мерките за заштита на рибите и други водни организми во Законот за рибарство и аквакултура, член 37, став 1 стои дека „риболовот се врши во текот на целата година, освен во времето за забрана во периодот на природен мрест на рибите и другите водни организми“. Според ова, концесионерот го прекршил овој член од законот, изловувајќи крап во период кој е забранет со закон, бидејќи е период за мрест. Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Државниот инспекторат за земјоделство преку државни инспектори за земјоделство.
Со изведување на риболов во мрест, концесионерот воедно го прекршил и член 21 од Законот за заштита на природата. Доставена е претставка за вршење вонреден инспекциски надзор и до Управата за животна средина и до Државниот инспекторат за животна средина“, потенцираат од граѓанската иницијатива Охрид SOS.