
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград се сретна со Доналд Трамп Помладиот, синот на американскиот претседател. Во објава на својот Инстаграм профил, Вучиќ истакна дека на средбата разговарале за билатералните односи помеѓу Србија и САД, како и за глобалните политички и економски актуелности. Според Вучиќ, средбата беше симбол на посветеноста на двете земји за зајакнување на нивните односи и соработка во решавање на глобалните предизвици.
„Ја истакнав важноста на економските и политичките односи меѓу Србија и САД и стратешката соработка помеѓу двете земји. Оваа средба ја симболизира посветеноста за зајакнување на билатералните односи и заедничката работа за решавање на глобалните предизвици“, напиша Вучиќ во објавата.
По средбата, Вучиќ му го покажал погледот на Белград од терасата на Претседателството на Србија, додавајќи: „Среќен сум што нашиот драг гостин можеше да почувствува дел од енергијата и да го види нашиот главен град кој ги спојува минатото и иднината, традицијата и иновациите. Се надевам дека ќе уживате во секој момент поминат во Србија и верувам дека ова ќе биде почеток на уште посилни односи меѓу нашите земји!“
Доналд Трамп Помладиот, претприемач и извршен потпретседател на Организацијата „Трамп“, е еден од клучните советници на својот татко и активно учествуваше во изборната кампања на Трамп. Тој е најстарото дете на претседателот на САД и важен член на семејството Трамп.