Skip to main content
Магазин

Почина Мишо Ковач

31/10/2026  18:29

Почина Мате Мишо Ковач, еден од најпознатите пејачи на просторот на поранешна Југославија и музички симбол на Шибеник и Далмација. Имаше 85 години. Веста ја објави хрватскиот портал „Индекс“, повикувајќи се на извори блиски до пејачот.

Ковач зад себе остави повеќедецениска кариера, повеќе од 20 милиони продадени плочи и песни што станаа дел од животот на генерации слушатели. Неговиот препознатлив глас и емотивните настапи му донесоа публика која со децении ги полнеше концертните сали и стадионите.

Роден е на 16 јули 1941 година во Шибеник. Пораснал во средина од која потекнуваат и музичките великани Вице Вуков и Арсен Дедиќ, со кого подоцна го снимил дуетот „Mi smo lišće s iste grane“.

Интересот за пеењето го развил уште како тинејџер. Во 1961 година го поделил првото место на натпреварот „Првиот глас на Шибеник“, а како награда избрал сингл на Елвис Присли, кој останал едно од неговите најголеми музички влијанија.

По воениот рок се преселил во Загреб, каде што почнал да ја гради професионалната кариера. Во 1964 година потпишал договор со „Југотон“, а неговата прва плоча била обработка на песната „I Can’t Stop Loving You“ на Реј Чарлс.

Големиот пробив го направил во 1969 година со „Više se nećeš vratiti“, песна на Ѓорѓе Новковиќ, со кого остварил долгогодишна и плодна соработка. Две години подоцна, со победата на Сплитскиот фестивал со „Proplakat će zora“, се зацврстил меѓу најпопуларните пејачи во Југославија.

Следувале години исполнети со хитови, меѓу кои „Drugi joj raspliće kosu, a ja je volim“, „Ostala si uvijek ista“, „Ako me ostaviš“, „Sutra mi sude“ и „Ti si pjesma moje duše“. Неговите песни се пееја на концерти, семејни прослави и трибини, а посебна врска имаше со навивачите на сплитски Хајдук.

Зад големите музички успеси стоел и живот исполнет со тешки лични загуби. Во 1992 година трагично го загубил синот Еди. Во годините што следувале минувал низ тежок период, но повторно се враќал на музиката и на својата публика.

Посебно место во неговата кариера има концертот „Ноќ на свеќи“ на сплитскиот стадион „Полјуд“, каде што настапил пред десетици илјади луѓе. Иако тогаш најавил повлекување, подоцна продолжил да настапува, да снима албуми и да соработува со својата ќерка Ивана.

Во 2012 година ја добил наградата „Порин“ за животно дело, како признание за придонесот во музиката.

Со неговата смрт, регионалната музичка сцена загуби еден од своите најпрепознатливи изведувачи, чии песни продолжуваат да живеат меѓу различни генерации.