Ацевски: Поголема соработка со другите надлежни, во спротивно ДЗР ги проследува извештаите, а завршница нема

Дипломираниот економист од Велес, ревизорот со 18-годишно искуство во Државниот завод за ревизија, е заедничко решение на власта и опозицијата за прв човек на оваа институција, која минатата недела по речиси две години доби главен државен ревизор.

Откако Максим Ацевски беше предложен во матичната собраниска Комисија за избори и именувања минатата недела со 81 глас „за” беше избран и на пленарна седница.

За тоа дали ќе успеат да ги завршат целосно предвидените ревизии, 54 на број во Програмата за 2019 година во овој кус временски период до крајот на годината зборувавме со Ацевски во интервјуто за МИА. Од вкупниот број предмети на ревизија, само 11 се комплетно завршени, а 12 се уште во тек и треба да завршат до 31 декември. Останатата 31 ревизија биле спроведени, но постапката не можеше да биде завршена затоа што до именувањето на Ацевски немаше немаше одговорно лице за да стави потпис.

Тој е оптимист дека ќе ја завршат работата, а во интервјуто за МИА вели дека не е ништо страшно дел од поставените задачи да се префрлат и во првите две недели од следната година.

За неговите планови во деветгодишниот мандат, приоритетите на кои ќе се фокусира говоревме со Ацевски во интервјуто за МИА, а тој пред се се надева дека сите субјекти, кои ќе бидат предмет на ревизија во суштина ќе бидат заинтересирани за спроведување на препораките. Ќе работи и на зголемување на капацитетите на институцијата, со оглед на тоа што имаат недостиг на кадар, а пред се и поради можноста со измените на Изборниот законик ревизорите да добијат дополнителни задачи во однос на ревидирањето на политичките партии.

Над илјада институции ревидира ДЗР, секако не сите наеднаш, има категории за кои е задолжителна државната ревизија секоја година, но останатите се вметнуваат во годишната програма и не секоја година се подложни на ревизија.

Ревизорските извештаи не се лесни за читање, проблем со тоа имаат и надлежните институции кои понатаму треба да постапат по нив доколку во нив е евидентиран криминал, а Ацевски во интервјуто за МИА вели дека следните денови ќе се потруди да обезбеди  координација и состаноци со сите инволвирани органи, со кои меѓудругото ќе побара мислење дали е потребно извештаите да претрпат одредени измени за да станат појасни и поконцизни, со цел да имаат краен ефект преземање на одредени мерки.

Тој се надева на плодна соработка со другите надлежни органи, бидејќи, како што вели, се добива впечаток дека тие само ги проследуваат, а во суштина нема завршница по самите ревизорски извештаи.

Конечно Државната ревизија по една година и 11 месеци доби главен државен ревизор, минатата недела добивте решение, кои се вашите планови, визии за развој на ДЗР следните девет години, на што ќе го ставите фокусот? 

Вие како национална информативна агенција ја имате честа да бидете први гости во просториите на Државниот завод за ревизија да ги пренесете информациите и видувањата за развојот на државната ревизија. Тоа во суштина ќе претставува утврдување на стратешките определби на самата институција, моите визии се во суштина заштита и поголема транспарентност на начинот на користење на јавните средства, начинот на користење на средствата од даночните обврзници, давање совет за подобрување и поголема ефикасност на начинот на користење на јавните средства, обезбедување на соодветен  и подобар статус на вработените во институцијата и секако подобрување на транспаретноста, отчетноста во користењето на јавните средства, но и она што значи информирање за работењето на Државниот завод за ревизија. Клучно прашање, кое секогаш се поставува е начинот на користење на јавните средства. Се надевам дека сите субјекти, кои ќе бидат предмет во суштина ќе бидат заинтересирани за спроведување на препораките, доколку такви препораки бидат дадени во ревизорските извештаи кај субјектите – предмет на ревизија од една страна, од друга страна она што е приоритет на самата институција во суштина зголемување на капацитетите на институцијата, како би можела да одговори на барањата од страна на меѓународната заедница.

Споменавте дека немате доволно кадар, според систематизацијата се предвидени 145 вработени, рековте дека сега имате 80 ревизори и дека очекувате до 12 февруари, кога би требало да бидат распишани изборите, да се вработат 20 до 30 ревизори. Колку овие очекувања се реални дали разговаравте со финансии, дали ви е дадено одобрување или тој процес ќе го почнете овие денови?

Согласно актот за организација и правилникот на систематизација на вработените во Државниот завод за ревизија се планирани 145 работни места. Во овој момент на располагање имаме 80 ревизори, меѓутоа од страна на ДЗР државата очекува многу повеќе. Согласно програмата за реформа на јавните финансии, 2018-2021 година поставени се одредени таргети, кои во суштина ги бара и меѓународната заедница за процентна опфатеност на јавните средства, кои треба да бидат предмет на ревизија од една страна, но од друга страна во саматата постапка од надлежното министерство, од Министерството за правда се подготвуваат одредени измени на Изборниот законик, со кои во суштина  дополнително се доделуваат надлежности на Државната ревизија.

До каде се тие измени?

Според моите сознанија, информиран сум од колегите во ДЗР кои учествуваат во самата работна група, се уште се во работна верзија, очекувам деновиве да имаме конкретни информации за статусот на таквите предлози, согласно тоа се подготвуваме, денеска се направени првите координации со моите колеги кои се одговорни за финансии, за човечки ресурси и.т.н., со цел да ги видиме состојбите каде сме што имаме на располагање и што може да очекуваме во наредниот период. Секако ќе има потреба да се разговара со надлежното Министерство за финансии, со Министерството за информатичко општество и администрација, бидејќи тие се клучните министерства, кои што во суштина даваат согласност за нови вработувања. Ние нашето ќе го направиме, во суштина ќе укажеме дека за да можеме нормално да функционираме потребни се нови вработувања. Но морам да кажам дека напоредно со новите вработувања на оваа институција и се потребни унапредувања на постоечкиот кадар. Имаме одредени ревизори, кои неколку години по ред чекаат да бидат унапредени во повисоко звање. Во суштина и тоа е едно од основните правила. Доколку постигнете одредени резултати во своето работење одреден период да бидете унапреди во повисоко звање.

Во однос на измените на Изборниот законик и улогата на  ДЗР за контрола на политичките партии за време на избори, кои според вас се најдобрите решенија, бидејќи велите ДЗР е оптоварен, а сега дополнително и со активности кои може ќе се прифатат со измените. Каква е праксата во земјите во ЕУ, кој врши ревизија на политичките партии?

Имате различни пракси, денеска повторно разговарав со дел од моите советници. Секоја земја тоа на свој начин го уредува. Состојбата во Република Северна Македонија е таква во која меѓународен фактор во суштина му укажува доверба на ДЗР. Таквата ревизија или ревизија на работењето на политичките партии во процесот на изборната кампања и редовното работење да го довери во ДЗР. На крајот на краиштата како институција ние не можеме да избереме дали ќе ги прифатиме или нема да ги прифатиме, тоа е во надлежност на Собранието, кој што е наш основач, кој е надлежен орган во кој известуваме. Доколку ни се доделат такви надлежности, нормално е да ни се обебездат и соодветни човечки и финансиски средства за да можеме да одговориме на барањето, бидејќи согласно новите измени, кои се подготвуваат во самиот Изборен законик се дополнуваат со повеќе извештаи, каде се припишуваат дополнителни обврски, каде ДЗР има обврска во рок од осум дена да ги ревидира сите тие извештаи. И сега замислете во зависност од бројот на политичките партии, кои ќе учествуваат во одреден изборен процес, колкав број на човечки ресурси ќе мора да се ангажираат за да се ревидираат тие финансиски извештаи.

Дали во текот на вашиот деветгодишен мандат ќе се залагате ДЗР да стане уставна категорија, со регулирање во Уставот да се стекнете со поголема независност?    

Тоа не е сегашна идеја, идејата за дефинирање на уставноста потекнува далеку од поодамна. Доколку ни се доделат такви надлежности, нормално е да ни се обебездат и соодветни човечки и финансиски средства за да можеме да одговориме на барањето, бидејќи согласно новите измени, кои се подготвуваат во самиот Изборен законик се дополнуваат со повеќе извештаи, каде се припишуваат дополнителни обврски, каде ДЗР има обврска во рок од осум дена да ги ревидира сите тие извештаи. И сега замислете во зависност од бројот на политичките партии, кои ќе учествуваат во одреден изборен процес, колкав број на човечки ресурси ќе мора да се ангажираат за да се ревидираат тие финансиски извештаи.

Ќе успеете ли во овој кус период до крајот на годината да ги завршите задачи од програмата за 2019, во тој рокот што го имате или постои можност делот од задачите да навлезат во следната година?

Јас сум оптимист и верувам дека сите зададени задачи, кои што ги имаме согласно годишната програма за работа за 2019 година да се завршат до крајот на годината. Впрочем одредени активности, кои биле утврдени со годишната програма за работа за конкретен известувачки период се префрлувале во првите две недели во наредната година и тоа не предизвикува никакви проблеми во однос на извршувањето на самата годишна програма и подготување на самите ревизорски извештаи.

Според годишниот извештај на ревизија од 2018 година Јавното обвинителство добило 21 конечен извештај, за кој е оценето дека е сторен прекршок или кривично дело. Дали имате сознанија за можна правна разврска. Станува збор за 21 случај?

Јас мислам дека ревизорските извештаи претставуваат добра основа за постапување на сите надлежни органи, не само на ЈО. Согласно нашите прегледи со кои располага Државниот завод за ревизија во текот на 2018 година доставени се четири ревизорски извештаи до Државната комисија за спречување на корупција, четири  извештаи до МВР  и два извештаи до финансиска полиција. Се поставува прашањето за подигнување на нивото на соработка на надлежните органи. Во саботата, која беше прогласена за работен ден од страна на надлежните органи за чистење на јавните површини направив одредени координации со дел од надлежните органи, меѓутоа тоа беше неофицијален разговор. Во текот на наредните денови ќе се потрудам да обезбедам координација и состаноци со сите инволвирани органи во коишто ќе ги презентираме сите наши ревизорски извештаи, односно пропратни писма кои се доставени до надлежните органи, ќе ги запознаам првите луѓе во периодот кога се тие доставени и  од секого ќе побарам повратни информации за она што е направено, но во исто време ќе побарам и нивно видување за тоа дали во суштина нашите ревизорски извештаи има потреба да претпрат одреден ревизорски измени, во насока на тоа колку самите ревизорски извештаи се јасни и концизни за нив, се со цел да има краен ефект, односно преземање на конкретни активности по самите ревизорски извештаи.

Тука се поставува прашањето дека ревизорските извештаи не се лесни за читање. Ние новинарите одиме на обуки на коишто учиме како да го прочитаме она што е скриено во ревизорскиот извештај. Имаше некоја идеја на пример ЈО да има посебно одделение што ќе ги чита ревизорските извештаи или посебни обвинители кои ќе се обучат да ги читаат. Наидувате на такви проблеми, можеби тежината и начинот на кој е напишан ревизорскиот извештај не е разбирлив за секого?

Не би се согласил дека во суштина имаме скриени работи во ревизорските извештаи. Обичен граѓанин не може да ги прочита, но мора да сфатиме дека сепак ревизијата е професија, ја извршуваат сертифицирани ревизори со долгогодишно искуство. Наша работа и наша обврска е да се трудиме што можеме повеќе содржината на ревизорските извештаи да биде прикажана на јазик разбирлив и за обичниот граѓанин и за надлежните органи. Затоа е мојата заложба во наредниот период  да разговараме со сите одговорни лица во надлежните органи со цел да видиме кои се нивните барања и дали има потреба од промени во делот на содржината на ревизорските извештаи. Доколку има потреба од одредени промени на содржината на ревизорските извештаи во услови кога се констатирани неправилности да бидат доставен до надлежните органи, да видиме што е тоа што треба да го промениме. Активноста секако не е едноставна, да ги видиме и нивните барања и мислам дека во таа насока ќе имаме плодна соработка со сите надлежни органи бидејќи вака се добива впечаток дека ние само ги проследуваме, а во суштина нема завршница по самите ревизорски извештаи.

Колку институции има во земјава врз коишто вршите  ревизија?

Според последните информации бројката е над илјада и нешто институции, но во суштина во делот на она што значи начин планирање на годишна програма ги земаме предвид материјалноста, односно висината на средствата со коишто располагаат, бројот на вработени, значењето на институциите.  Согласно Законот за државна ревизија имаме утврдено задолжителна ревизија на централниот буџет на РСМ, на буџетот на Фондот за здравствено осигурување, на буџетот на Фондот за пензиско осигурување,  буџетот на Агенцијата за  вработување…и во суштина во последно време ја прифаќаме праксата дел од самата програма да вклучува и ревизија на успешност каде со нив успеваме да опфатиме поголем број на субјекти во самата ревизија.

Согласно законот вршите ревизија на регуларност, финансиска и ревизија на успешност. Кога ги чешлате институциите вршите финансиска ревизија и ревизија на регуларност?

Во суштина самата ревизија во јавниот сектор, кога се ревидираат финансиските извештаи, тоа се врши заедно со ревизијата на регуларност, а ревизија на успешност е друг вид на ревизија, но има и други видови кои во суштина не се дефинирани со Законот за ревизија, но тоа не значи дека не може да ги спроведуваат.

Кој ја ревидира државната ревизија, не само во однос на финансиите, туку и во однос на професионалноста, стручноста на кадарот?

Нашиот основач е Собранието, имаме обврска да реферираме пред Собранието на РСМ. Собранието избира кокмерцијална ревизорска куќа, која го ревидира работењето на ДЗР , подготвува ревизорски извештај и тој претставува составен дел на годишниот извештај на работењето на ДЗР.

ДКСК на 4 април минатата година против вас и против уште еден ревизор поднесе претставка за судир на интереси. Проблемот во целата ситуација тогаш беше посочен во врска со тоа што вие како државен ревизор сте правеле ревизии во државни институции, а потоа сте спроведувале обуки за вработените во истите тие институции преку Здружението на финансиски работници од Велес. Потоа е запрена таа постапка, може ли појаснување. Ова излезе во медиумите неспоредно пред да се постигне консензус за вашето назначување?

Мислам дека е веќе јасно. Во државата вршат едукации и други административни службеници. Тоа беше предмет отворен во 2004, кој беше затворен во 2006 година, нема елементи за постапување. Меѓутоа што се случува понатаму вие многу подобро знаете од мене.

Важите за една од најнетранспарентните институции. Планирате ли вие сега на чело на ДЗР тоа да го смените на пример да одржувате редовни прес-конференции со новинарите?

Не би се согласил дека сме најнетранспарентна институција. Ако погледнете во опкружувањето и во другите држави во светот како Државен завод за ревизија целокупната работа и ревизорските извештаи се поставени на веб страната на Државниот завод за ревизија. Можеби ќе се согласам со вас во делот на она што значи потребата од одржување  на прес-конференции за одредени ревизорски извештаи, кои се од интерес на државата, значат интерес за новинарите, за граѓаните и тука се надевам дека сосема ќе биде подобро во однос на начинот на информирање. Се подготвува нова веб страна на ДЗР, целиот начин на известување ќе биде далеку потранспарентен, далеку поодговорен за сите вклучувајќи и ве и вас новинарите.

Ана Цветковска

Треба да знаете
Последни објави