Skip to main content
Македонија

МНОГУ ПРОМЕНЛИВ ВИКЕНД: Најпрвин натпросечно топло, а потоа продор на ладен воздух од север и врнежи од дожд и снег

01/03/2025  10:17

Метео анализа на Славчо Попоски:

За време на овој викенд продолжува многу променливото време во нашата Република Македонија. Денес (сабота 1 март) сеуште ќе биде релативно топло со натпросечно високи температури на воздухот за овој период од годината. Оособено попладнево ќе има  и локални врнежи од дожд, повремено поројни и со услови за појава на ретки грмежи. И во делови од Скопската котлина ќе има услови за повремен пороен дожд во текот на денешното саботно попладне.

Веќе утре (недела 2 март) поради спуштање на поладен воздух од север, на планините со висина од над 1000 метри надморска височина врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег, а сето ова ќе биде проследено со повремено засилен ветер од северен правец, кој особено долж Повардатието повремено ќе достигнува брзина до околу 60 км/час.

Поради понатамошното спуштање на ладниот бран од север, утре (недела 2 март) особено во северозападните, северните  и во североисточните предели од нашата Република Македонија, снежната граница ќе се спушти и под 1000 метри надморска височина, па така повремен снег ќе има  и во повисоките населени места во овие делови од нашата Македонија.

Што се однесува до температурите на воздухот, тие денес (сабота 1 март) ќе се искачуваат во интервалот од 8 до 17 степени, додека утре (недела 2 март) тие ќе бидат значително пониски и максималните дневни температури на воздухот кај нас ќе се искачуваат во интервалот само од 3 до 11 степени.

Да напоменам, дека со овој продор на ладен воздух од север, во Скопје ќе има врнежи од дожд, додека на околните планини врнежите ќе преминат во повремени послаби врнежи од снег. И во Скопје утре (недела 2 март) повремено ќе дува засилен ветер од северен правец, а максимумот на температурата ќе се искачи до околу 9 степени.