
Тринаесет лица побарале медицинска помош по вчерашните протести во Тирана, соопшти албанското Министерство за здравство и социјална благосостојба. Меѓу повредените се осум демонстранти, тројца полицајци и двајца медиумски работници.
Според билансот објавен синоќа, девет лица биле примени во Универзитетската болница за трауматологија — седум демонстранти и двајца претставници на медиумите. Петмина ја напуштиле болницата по укажаната помош, додека четворица демонстранти останале на дополнителни испитувања и лекување.
Еден од нив има повреда на окото, но, според Министерството, е надвор од животна опасност.
Во Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ биле згрижени еден демонстрант и еден полицаец, кои потоа биле пуштени дома. Уште двајца полицајци со повреди на очите добиле помош во специјалистичка поликлиника во Тирана и исто така биле отпуштени.
Судирите почнаа пред Министерството за образование, каде дел од учесниците фрлаа камења и запалија контејнери. Полицијата одговори со водени топови и солзавец, а тензиите подоцна се пренесоа и во други делови од центарот на главниот град.
Демонстрантите продолжуваат да бараат оставка од премиерот Еди Рама. Протестниот бран почна поради незадоволството од образованието, трошоците за студирање и обвинувањата за корупција, а учесници најавуваат дека нема да се повлечат од своите барања.

