Skip to main content
Македонија

Фалсификувани 98.500 евра во поставата на јакната – млад Македонец фатен во Бугарија

24/10/2026  11:55

Деветнаесетгодишниот македонски државјанин Хамза Дарлишта останува во притвор во Бугарија, откако Окружниот суд во Хасково го прифатил барањето на Обвинителството. Тој беше уапсен на 19 октомври на граничниот премин „Капитан Андреево“, каде што, според истрагата, кај него биле откриени фалсификувани банкноти со вкупна номинална вредност од 98.500 евра.

Според бугарските медиуми, во поставата на неговата јакна биле сошиени 685 банкноти – 300 од по 200 евра и уште 385 од по 100 евра.

Дарлишта пред истражните органи изјавил дека не знаел оти банкнотите се фалсификувани. Тој е вонреден ученик во Скопје и работи како монтер на камери за видеонадзор.

Обвинителството наведува дека младиот Македонец накратко влегол во Турција, каде што ја облекол јакната во која биле скриени парите. Според наводите на истрагата, при граничната контрола покажувал знаци на вознемиреност, се потпрел на седиштето и гледал кон таванот на автомобилот.

При проверката на неговиот мобилен телефон, истражителите, според истите информации, пронашле повеќе фотографии од слични фалсификувани банкноти, направени претходно во текот на годинава. На дел од фотографиите бил и самиот осомничен.

Неговиот адвокат побарал ослободување со парична гаранција, посочувајќи ги младата возраст и фактот дека Дарлишта досега не бил осудуван.

Судот, сепак, оценил дека постои основано сомнение за делото за кое се товари, како и опасност од бегство доколку биде пуштен на слобода, поради што одлучил да го задржи во притвор.

Одлуката може да се обжали пред Апелацискиот суд во Пловдив. Според објавените информации, за делото за кое е осомничен е предвидена затворска казна од две до осум години, доколку биде прогласен за виновен.