
Во Србија утрово во 7 часот почна гласањето на вонредните парламентарни избори. Избирачките места ќе бидат отворени до 20 часот, а право на глас имаат 6.451.292 граѓани, според конечниот број што го утврди Републичката изборна комисија.
Граѓаните избираат нов состав на Народното собрание со 250 пратеници. На гласачкото ливче се наоѓаат 18 изборни листи со вкупно 2.418 кандидати, од кои девет листи имаат статус на листи на националните малцинства.
Изборите се одржуваат по речиси две години масовни протести, поттикнати од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 луѓе. Студентското движење, кое бара одговорност и борба против корупцијата, на овие избори настапува со сопствена листа и ја предизвикува коалицијата предводена од Српската напредна партија и Александар Вучиќ.
За гласање е потребна важечка лична карта или пасош. Поканата за гласање не е задолжителна, а граѓаните можат да гласаат само на избирачкото место на кое се запишани. На гласачите што ќе се затекнат на избирачкото место или непосредно пред него во моментот на затворањето ќе им биде овозможено да го остварат правото на глас.
Изборниот молк трае до затворањето на избирачките места во 20 часот. Републичката изборна комисија во текот на денот ќе соопштува податоци за излезноста и за текот на гласањето.

