Турскиот министер ја повика Грција да се воздржи од провокации

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар ja повика Грција да се воздржи од провокативни акции во Егејското Море, додавајќи дека Анкара ќе одговори на сите предизвици против суверените права на Турција, според грчкиот весник Катимерини.

Обраќајќи се на група турски ветерани во Истанбул, Акар рече дека очекува „сите да се воздржат од провокации”, и дека сите треба да имаат на ум дека Турција ќе одговори на каква било акција насочена против неа.

„Ние нема да направиме никакви отстапки”, рече турскиот министер.

Тој, повторно нарекувајќи ја Турција „сина татковина”, предупреди дека Анкара нема да се откаже од своите права во Егејското Море.

Истакнувајќи дека Турција е посветена на принципот на добрососедски односи и решавање на проблемите во рамките на меѓународното право, Акар рече дека Анкара нема да прифати никаков „свршен чин” и нема да жртвуваат кое било од правата на, како што кажа тој, „нашата света нација”.

Грчкиот министер за одбрана Евангелос Апостолакис во четвртокот ја потврди растечката загриженост на Атина во врска со однесувањето на Турција.

„Повеќегодишен проблем е Турција, која има свој план, се движи на свој начин и не соработува добро со своите соседи, ниту со своите историски сојузници”, рече Апостолакис, објави Катимерини.

Коментирајќи ја новата ескалација на тензиите меѓу Атина и Анкара, Апостолакис рече дека Грција секојдневно има проблеми со Турција.

Треба да знаете
Последни објави