Skip to main content
Македонија

Петров: Ако Филипче се повлече, ќе му помогне на СДСМ

29/09/2026  21:12

Проф. д-р Андреј Петров смета дека евентуалното повлекување на Венко Филипче од претседателската функција би му помогнало на СДСМ и би отворило простор за избор на ново и покомпетентно раководство. Ова Петров го изјави во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, зборувајќи за состојбите во партијата и целите на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“.

Според Петров, СДСМ мора што побрзо да го запре падот на поддршката и да започне процес на внатрешни промени за следните избори да не ги дочека од уште понеповолна позиција.

„Ако Филипче се повлече, ќе му помогне на СДСМ, бидејќи во моментов и тој се мачи и СДСМ се мачи. Тоа ќе овозможи да се избере ново раководство – кое нема да биде октроирано, туку ќе биде директен производ и избор на членството на еден достоинствен начин. Мора да го сопреме надолниот пат и понирањето на партијата за да не ги пречекаме следните избори, кога и да бидат, од уште полоша позиција“, изјави Петров.

Тој нагласи дека целта на иницијативата е да се поттикнат легитимни промени во СДСМ, при што оцени дека партијата може да добие значително покомпетентен претседател и раководство избрано непосредно од членството.

Петров зборуваше и за потребата од пошироко опозициско поврзување, посочувајќи дека во досегашните дискусии учествувале претставници на различни политички субјекти, меѓу кои ЛДП, Партијата на Србите и Левица.

Тој призна дека присуството на Левица отворило дилеми, но смета дека разликите меѓу опозициските партии не треба да бидат пречка за дијалог.

„Јасно е дека не се согласуваме за сите политики ниту со ЛДП, ниту со Партијата на Србите, ниту со Левица. Но, имаме заедничка точка – дека државата мора да биде подобра. Сакаме да создадеме опозициски блок, без разлика дали таа соработка ќе биде лабава или поцврста, кој здружено ќе им се спротивстави на политиките на сегашната власт“, рече Петров.

Според него, идејата е паралелно со промените во СДСМ да се отвори и поширок процес на разговори меѓу различни опозициски и општествени чинители за создавање алтернативна политичка понуда.