Skip to main content
Македонија

Левица: Пет домашни институции алармираа за дискриминаторскиот третман кон Левица, но Уставниот суд избра да го слушне само алармот на ДПМНЕ и СДСМ за да им ги покачат платите

29/09/2026  09:46

Соопштение на Левица:

На последните локални избори Левица беше ставена во карантин. Партија со пратеничка група во Собранието, со советнички листи низ државата и со кандидат кој стигна до втор круг за градоначалник на Скопје, состана без ниту една реклама. Во вториот круг за Скопје, Амар Мециновиќ беше целосно оневозможен да се рекламира во медиумскиот простор, додека неговиот противкандидат од ДПМНЕ ги удави граѓаните со билборди и лицемерни спотови. И неспорно е дека ваквиот третман го прави изборниот натпревар нефер до срж – едниот кандидат зборуваше од секој екран, додека другиот системски беше истиснат од него.

И за ова не алармираше само Левица. Државната изборна комисија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија ги потврдија спорните членови од Изборниот законик и укажаа мора соодветно да се регулираат. Дополнително, и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека постои директна и продолжена дискриминација врз Левица, која и за наредните избори, доколку остане овој модел, ќе биде единствен субјект лишен од можноста за рекламирање.

Значи, пет домашни институции на различен начин го регистрирале истиот гноен дефект на системот со правила што наместо рамноправна политичка конкуренција произведуваат привилегирани и цензурирани учесници. Но, она што го видоа институциите задолжени за избори, медиуми, корупција, ревизија и дискриминација, за Уставниот суд не беше поважно од лојалноста кон власта и желбата за зголемување на нивните плати.

Последицата е далеку подлабока од една забранета реклама. Изборите не се фер само затоа што на денот на гласањето сите добиваат исто ливче. Фер избори почнуваат многу порано – од можноста граѓанинот воопшто да слушне дека постоиш, што нудиш и зошто бараш негов глас. Кога законскиот модел им отвора огромен медиумски коридор на најголемите партии, а на друг парламентарен субјект му го затвора пристапот до истиот простор, тогаш државата е далеку од неутрален организатор на натпреварот. Таа создава нерамномерни почетни позиции.

И практично тука се отслика најбруталното македонското политичко статус-кво. Не мора никого формално да забраниш ако можеш да го направиш политички невидлив. Не мора да му го одземеш правото да учествува на избори ако претходно си изградил систем во кој едни ќе ја удават јавноста со спотови, пораки и лица од секој телевизор, портал и билборд, а други ќе ги оставиш да се снаоѓаат со цензурата.

Но, сето ова, за нашите “истакнати правници”, чувари на Уставот, не беше спорно и вредно да се оценува. Особено не, кога од ДПМНЕ и СДСМ им пристигна шепот дека доколку се доволно добри чувари на статус-квото, ќе бидат наградени со повисоки плати.