
Од Брвеница почнува промената на власта на Мицкоски и ВМРО, граѓаните на локалните избори ќе испратат јасна порака до власта што ја изигра нивната доверба, ќе имаат еден градоначалник помалку, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на вечерашната промоција на програмата на Јовица Радевски, кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Брвеница.
„Од Брвеница почнува промена на ненародната и криминална власт на Мицкоски и ВМРО. На овие локални избори граѓаните ќе го кажат својот збор. ВМРО да бидат поразени и да имаат еден градоначалник помалку”, истакна Филипче.
Власта ги изневери очекувањата на граѓаните и на локално и на централно ниво. Работниците едвај ги покриваат основните потреби, пензионерите се излажани, а земјоделците се оставени на цедило, нагласи тој.
„Го излажаа народот и ја изиграа довербата што им ја дадоа луѓето и на локално и на централно ниво”, рече Филипче.
Промената што ја нуди СДСМ во Брвеница значи конкретни решенија за секојдневните проблеми. Програмата на Јовица предвидува обновување и проширување на водоводната мрежа, решавање на проблемот со вода во Гургурница, пречистителна станица за Милетино, Челопек, Брвеница и Долно Седларце, како и реконструкција на улиците, локалните патишта и проширување на мостовите.
Меѓу приоритетите се агроиндустриска зона за преработка и постабилен пласман, можности за нови работни места, подобри услови во училиштата, дом на култура во Брвеница, дом за стари лица во Челопек и расчистување на дивите депонии.
„Јовица е чесен и вреден човек, кој секојдневно е меѓу граѓаните, во секое село и во секој дом во Брвеница”, истакна Филипче и порача дека достапноста и одговорноста за сработеното се обврски кон секој граѓанин.
„Јовица, граѓаните со право ќе очекуваат да бидеш достапен и да одговараш за сработеното. Тоа е обврската што сите ние ја преземаме пред нив. Така ќе покажеме дека постои поинаков начин на управување”, рече тој.
ВМРО ќе биде победено во Брвеница, а победата ќе биде заработена со работа меѓу луѓето и со доверба потврдена на изборниот ден, порача Филипче.
„Нашата сила ќе ја покажеме со доверба заработена меѓу луѓето и со гласови на изборниот ден. Повеќе гласови во Брвеница ќе значи една општина помалку под управување на ВМРО-ДПМНЕ”, нагласи тој.
Филипче ги повика граѓаните да излезат на гласање и да ги поддржат Јовица и неговата програма.
„На разочарувањето да одговориме со учество. На обидите за поделба — со заедничка работа. На власта што заборави кому му служи — со јасна демократска порака на гласачкото место дека ова ќе биде нивни пораз во Брвеница”, порача Филипче.


