Skip to main content
Свет

Силен земјотрес ја погоди Колумбија

10/08/2026  16:24

Земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди Колумбија, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Eпицентарот на земјотресот бил во покраината Чоко на брегот на Пацификот, во близина на градот Сан Хозе дел Палмар.

Според првичните информации има повредени лица и е предизвикана голема материјална штета, соопшти гувернерката на тој регион преку социјалната мрежа „Икс“.

Силниот потрес бил почувствуван и во главниот град Богота, како и во соседна Венецуела.

Гувернерката Нубија Каролина Кордоба-Кури ги потврди последиците од потресот.

„Чоко го погоди разорен земјотрес. Загрижени сме за можни дополнителни потреси. Иако епицентарот беше во близина на местото Сан Хосе дел Палмар, има повредени, а зградите во главниот град Кибдо претрпеа значителни оштетувања. Веќе работиме на проценка на штетата и наскоро ќе го објавиме првиот официјален извештај.“

Земјотресот силно се почувствувал и во Богота, каде што се активирале алармите, а жителите од претпазливост излегле на улиците. Градоначалникот на Богота, Карлос Галан, објави дека засега нема пријави за жртви или за сериозни оштетувања на објектите.

„Забележани се само пукнатини на одредени згради“, наведе тој на платформата „Икс“.