
Камерниот оркестар „Профундис“ под диригентската управа на Ѓурѓица Дашиќ, на сцената на „Охридско лето“ вечерва ќе го донесе атрактивниот концертен проект „Концерт под свеќи“, во кој како солист ќе настапи еден од најпризнатите виолинисти на неговата генерација, Стефан Миленковиќ.
Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година од страна на диригентката Ѓурѓица Дашиќ, со идеја за создавање висококвалитетен професионален ансамбл што ќе ги изведува капиталните дела од класичната музика, но и ќе ја поттикнува современата музичка креативност преку праизведби на дела од домашни и странски автори.
Во составот на оркестарот членуваат истакнати македонски инструменталисти од повеќе генерации, а неговата мисија е да биде платформа за афирмација на врвните македонски изведувачи и автори, како и да соработува со светски познати музички имиња.
Во досегашната активност „Профундис“ реализираше успешни концерти со бројни реномирани солисти, меѓу кои виолинистите Стефан Миленковиќ, Роман Симовиќ, Јован Богосављевиќ, Ирина Мурезану и Марио Хосен, виолончелистите Петар Пејчиќ и Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки, како и со истакнати македонски уметници.
Оркестарот настапувал на значајни меѓународни сцени и фестивали, меѓу кои „Коларац“ во Белград, Синагогата во Нови Сад, фестивалите „Котор Арт“, „Софиски музички седмици“, „Соренто мјузик фестивал“ и „Раванелиус“, како и на домашните фестивали „Охридско лето“, „Денови на македонската музика“, „Битфест“, „Есенски музички свечености“, „Златна лира“ и „Скопско лето“.
Познат по оригиналните концертни концепти, „Профундис“ реализира проекти кои ги надминуваат рамките на традиционалниот класичен концерт, меѓу кои се издвојуваат спектаклот „Groove“ со 3D-мапинг, „Candlelight“ – концерт под свеќи, соработката со Белградскиот камерен оркестар „13 гудачи“, како и поставувањето на операта „Свадбата на Фигаро“ од В. А. Моцарт.
Како солист на концертот ќе настапи виолинистот Стефан Миленковиќ, еден од најреномираните уметници од неговата генерација, кој повеќе децении гради успешна меѓународна кариера како солист и рецитален уметник.
Миленковиќ настапувал во најпрестижните концертни сали во светот, меѓу кои „Карнеги Хол“ во Њујорк, „Кенеди центарот“ во Вашингтон, „Кадоган Хол“ во Лондон и „Сантори Хол“ во Токио, како и на сцените на познатите италијански театри „Ла Фениче“ во Венеција, „Сан Карло“ во Неапол и „Петруцели“ во Бари.
Како солист настапувал со реномирани оркестри, меѓу кои Симфонискиот оркестар во Индијанаполис, Берлинскиот симфониски оркестар и Камерниот оркестар „Орфеус“, со диригенти како сер Невил Маринер и Лорин Мазел. Добитник е на награди на повеќе престижни меѓународни натпревари, меѓу кои натпреварите во Индијанаполис, „Кралица Елизабета“, „Родолфо Липицер“, „Паганини“, „Лудвиг Шпор“ и „Јехуди Мењухин“…
Во сезоната 2025/26 Миленковиќ настапува со значајни европски ансамбли, меѓу кои Оркестарот на Северна Холандија со концерт во „Концертгебау“ во Амстердам, Симфонискиот оркестар на РАИ во Торино, „Помериџи Музикали“, Оркестарот на РТВ Словенија и камерниот оркестар „Профундис“.
Неговата дискографија вклучува изданија со дела од Бах и Паганини, а покрај класичниот репертоар соработувал и со уметници од различни жанрови, меѓу кои Греми номинираниот бенд „Горилаз“, Един Карамазов и триото на Влатко Стефановски. Миленковиќ е посветен и на педагошката работа, а во моментов е уметнички директор на новата концертна сала во Нови Сад и професор на Универзитетот во Нови Сад.
Свири на виолина изработена од Џовани Батиста Гуадањини во 1783 година.
Диригентката Ѓурѓица Дашиќ дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот оркестарско диригирање, во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар.
Од 2008 година е дел од Македонската опера и балет како хор-мајстор, каде учествува во подготовката и реализацијата на целокупниот оперски репертоар. Соработувала со бројни истакнати диригенти, меѓу кои Емил Табаков, Џанлука Мартиненги, Енрико Довико, Урош Лајовиц и други.
Како диригент ги реализирала оперите „Рита“ од Гаетано Доницети и „Севилскиот берберин“ од Џоакино Росини, а учествувала и во подготовката на првиот македонски мјузикл „Тајно моја“, посветен на Тоше Проески.
Од основањето на „Профундис“ во 2019 година, Дашиќ е негов уметнички раководител и диригент. Под нејзино водство ансамблот се етаблира како еден од најзначајните камерни состави во Македонија и регионот, препознатлив по високиот уметнички квалитет и иновативните програмски концепти.
За вечерашниот концерт е резервирана сцената на Предворјето на црквата „Света Софија“ од 21 часот. На програмата се избрани дела на Чајковски, Сен-Санс, Вон-Вилијамс, Де Сарасате.

