Skip to main content
Македонија

Гусар: Мажите жртви на насилство молчат од срам, институциите ги исмеваат наместо да ги заштитат

12/03/2026  21:09

Иако статистиките на глобално ниво покажуваат дека жените се најчести жртви на семејно насилство, адвокатката Марта Гусар предупредува на една друга, често занемарена реалност во општеството – мажите кои трпат насилство, а кои системот ретко ги препознава и штити.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV, Гусар сподели искуство од својата адвокатска пракса, опишувајќи случај во кој маж, жртва на насилство, живеел во постојан страв во сопствениот дом.

„Имав случај каде човекот беше преплашен, спиеше под клуч дома. Кога маж ќе отиде во Центар за социјална работа за да каже дека има проблем, тие често не го доживуваат сериозно. Кај нас постои бариера во размислувањето дека и маж може да биде жртва“, изјави Гусар, пренесе 4news.mk.

Според неа, малата бројка на пријави од страна на мажите е резултат на длабоко вкоренети општествени предрасуди, но и на недоволната подготвеност на институциите да реагираат во вакви случаи.

Гусар потенцира дека ако полицијата и центрите за социјална работа понекогаш не реагираат доволно ефикасно кога жртвите се жени, ситуацијата за мажите е уште потешка.

„Кај нас е речиси предмет на потсмев кога маж ќе пријави насилство. Постојат предрасуди и скептицизам и кај полицијата и кај социјалните работници“, објасни адвокатката, додавајќи дека чувството на срам е една од главните причини поради кои многу мажи молчат и не го пријавуваат насилството, дури и кога во конфликтите се вклучени и деца.

Иако официјалните статистики покажуваат мал број случаи, Гусар смета дека реалната состојба на терен е поинаква. Според неа, има бројни ситуации во кои мажи се соочуваат со сериозно насилство во домот, но се откажуваат од пријавување затоа што очекуваат недоверба или потсмев од институциите.

Адвокатката заклучува дека насилството не познава пол и дека институциите мора да изградат систем за професионална проценка на ризикот за секој граѓанин, без оглед дали жртвата е маж или жена.