
Соопштение за јавност на Левица:
Злоупотребите на Државна лотарија продолжуваат и под капата на ДПМНЕ и Мицкоски! Претходно како приватна фирма на Груби кој го пуштија во бегство, а сега како партиска каса за финансирање на апологети на власта и јавни личности чија примарна улога е да ја шминкаат реалноста и да го бранат неуспехот на власта.
Месечни хонорари од по 35.000 до 60.000 денари, односно над 4 милиони месечно се исплаќаат на инфлуенсери, професори, јавни личности, партнери на функционери од власта и други членови на владејачките политички партии!
Додека има пари за купување на лојалноста, нема за покачување на платите, за лекови, социјални програми, реална поддршка на младите, подобрување на условите во училиштата и болниците, достоинствен живот на граѓаните.
Овие лица како платени факели ја осветлуваат сцената по вкус на власта, додека во заднина се крие мракот на сиромаштијата, иселувањето и распадот на јавните услуги. Јавните пари, наместо да бидат семе за развој, се фрлаат како трошки за одржување на ехото на партиските мантри на мрежа на привилегирани креатори на јавно мислење кои се хранат од народната каса.
Ова е учебникарски пример на клиентелистичка држава, во која институциите се користат како ПР-агенции на власта, а јавните средства како гориво за партиска самопромоција.
Бидејќи народот не е публика во ПР-спектаклот на власта, туку сопственик на буџетот, Левица бара Државната лотарија, односно директорот Александар КЛИМОВСКИ, итно и јавно да одговори:
– По кои критериуми се ангажираат овие лица?
– Кои се нивните конкретни задачи и резултати?
– Каков е јавниот интерес од нивниот ангажман?
– Зошто овие лица се скриени и не се наоѓаат во базата на јавни информации?
Во Македонија има пари, но тие течат по канали ископани од алчност и партиска привилегија. Наместо да се вложуваат во општествено корисни политики и јавен интерес, тие се крадат, се претвораат во патни трошоци, хонорари за непродуктивни улоги, во сценографија на власта која сака да изгледа коректна и силна, додека суштински ја празни државната каса.
Државата не е сиромашна, туку е ограбена и злоупотребена
