
Во Центарот за дневен престој на бездомни лица при Црвениот крст на град Скопје функционира и стационарен дел привремено прифатилиште, кое веќе 17 години обезбедува сигурно засолниште за најранливите категории граѓани. Во рамките на овој центар делува и мобилен тим кој, особено во периоди на екстремно ниски температури, работи 24 часа дневно.
Мобилниот тим секојдневно излегува на терен и врши проценки на бездомни лица кои имаат потреба од преноќување, топол оброк и средства за лична хигиена, особено за време на студените денови што го зафаќаат Скопје. Во патролното возило постојано има спални кебиња, вреќи за спиење, комплети со капи, шалови и ракавици, како и топли напитоци и храна.
Овој пристап е особено значаен бидејќи дел од бездомните лица, од лични причини, одбиваат да дојдат во стационарниот дел на центарот. Токму затоа мобилниот тим е секогаш подготвен директно на скопските улици да им ја достави неопходната помош и поддршка.
„Можам да се пофалам со нула смртност од отворањето на центарот“, изјави за 24инфо Драгана Лазаревска, раководител на пунктот за бездомници при Црвениот крст на град Скопје.
Според неа, овој резултат е плод на редовното присуство на терен за време на екстремно ниски температури, деталното познавање на потребите на бездомните лица и изградената искрена и отворена комуникација со нив. „Тоа им овозможува секогаш да ни се обратат и да реагираме навреме, пред да дојде до ситуации со сериозни последици“, нагласува Лазаревска.
