Search

Управата за храна и лекови на САД предупредува да не се даваат пробиотици на бебиња поради можна смрт

Пробиотиците може да бидат крајно ризични за многу мали бебиња и се поврзани со најмалку една смрт на доенчиња, соопшти во четвртокот Американската управата за храна и лекови (ФДА), објави NBC News.

Смртта на доенчињата поврзана со пробиотиците се случила оваа година, соопшти ФДА. Од 2018 година, има повеќе од дваесетина несакани настани кај доенчиња поврзани со производите, а агенцијата истражува дали пробиотиците придонеле за други случаи кај бебињата.

Не постојат пробиотици одобрени од ФДА за доенчиња на која било возраст, велат од агенцијата. Некои производи, сепак, нелегално се продаваат за лекување на болести кај недоносените доенчиња во болнички услови, соопшти ФДА.

Пробиотиците – кои содржат живи бактерии или други микроорганизми – најчесто се користат како додатоци во исхраната во САД. Бидејќи тие се додатоци, а не лекови, ФДА не ги прегледува за нивната безбедност или ефикасност.

Минатиот месец, агенцијата испрати писмо до давателите на здравствени услуги, предупредувајќи ги за употребата на пробиотици кај недоносените доенчиња, поради ризикот од „инвазивни, потенцијално фатални“ инфекции.

Во писмото се спомнува недоносено новороденче на кое, додека сè уште било во болница по раѓањето, му бил даден пробиотик наречен Evivo со MCT Oil, направен од компанијата Infinant Health.

Бебето развило сепса, состојба опасна по живот која се случува кога имунолошкиот систем на телото има екстремен одговор на инфекција, а потоа починалo, се вели во писмото.

Во писмото не е наведено каде настапила смртта.

ФДА, исто така, во четвртокот соопшти дека испратила предупредувачко писмо до Абот лаборатории во вторникот за еден од нејзините производи, Similac Probiotic Tri-Blend, кој се продавал за употреба кај недоносените доенчиња во болниците. Содржи три бактериски соеви: B. infantis, S. thermophilus и B. lactis.

Не е јасно дали производот довел до какви било негативни настани кај бебињата, но, според агенцијата, Абот се согласил да ја прекине продажбата и работи со ФДА за да „преземе дополнителни корективни дејства“.

ФДА претходно предупреди дека пробиотиците се документирани во медицинската литература дека предизвикуваат сериозни бактериски или габични инфекции, особено кај многу недоносени бебиња или оние со многу ниска родилна тежина.

„Особено сакаме да разјасниме дека производите што содржат живи микроорганизми може да претставуваат сериозни ризици за недоносените доенчиња во болнички услови“, рече д-р. Питер Маркс, директор на Центарот за биолошка евалуација и истражување на ФДА.

„Сакаме да ги предупредиме родителите, старателите и давателите на здравствени услуги за овие производи кога се користат за превенција или третман на болести, бидејќи тие не биле подложени на ригорозен процес на агенцијата пред да се најдат напазарот за да се оцени нивната безбедност и ефикасност за овие намени“, рече Маркс.

Американската академија за педијатрија не препорачува употреба на пробиотици кај недоносените бебиња, иако организацијата вели дека околу 10% од недоносените бебиња добиваат пробиотик за време на нивниот престој во одделот за интензивна нега на новороденчиња.

Треба да знаете
Последни објави