Search

Принцот Хари доаѓа во Велика Британија на 10-годишнината од Игрите Инвиктус

Британскиот принц Хари, кој живее во САД откако се повлече како член на кралското семејство, најави дека ќе ја одбележи 10-годишнината од Игрите Инвиктус на богослужба во катедралата Свети Павле во Лондон на 8 мај и ќе направи ретка посета на Велика Британија за меѓународниот спортски настан што тој го основа.

Како што најавија организаторите на настанот, пристигнувањето на принцот Хари на десетгодишнината од Игрите Инвиктус „ќе ја одбележи деценијата во која спортот се промени и им ги спаси животите на многумина“, објави Ројтерс.

Игрите Инвиктус се меѓународен мултиспортски настан за ранети, повредени и болни припадници на вооружените сили, и оние во активна служба и ветерани, кој за прв пат се одржа во 2014 година.

Војводата од Сасекс, кој живее во САД со сопругата Меган и двете деца, ги започна игрите во 2017 година како меѓународен спортски настан за припадниците на војската повредени во воени операции.

Принцот Хари, најмладиот син на кралот Чарлс III, служел како пилот на воен хеликоптер во Авганистан.

Хари дојде во Велика Британија само неколку пати откако донесе одлука во 2020 година да ги прекине своите активности како член на кралското семејство.

Тој доаѓаше само на важни и големи настани како погребот на кралицата Елизабета Втора во 2022 година и крунисувањето на неговиот татко во мај 2023 година.

Последен пат беше виден во Велика Британија во февруари оваа година на кратка средба со неговиот татко, откако британскиот монарх објави дека му бил дијагностициран рак.

Треба да знаете
Последни објави