Заев: 30 септември е историски ден, повикувам на обединување, да го искористиме моментот за членство во ЕУ до 2030 година

Поранешниот премиер Зоран Заев по повод петгодишнината од референдумот за Договорот од Преспа, објави статус на социјалните мрежи, повикувајќи на единство на европскиот пат на државата.

,,30 септември 2018 година е важен ден во современиот развој на Северна Македонија.

Тоа е денот кога македонските граѓани од сите етникуми во огромен број излегоа да дадат поддршка на историскиот Договор од Преспа, со цел земјата да ни стане членка на НАТО и ЕУ и со цел да создадеме трајно пријателство со нашиот сосед Грција. 610.000 граѓани гласаа ЗА на референдумот и ја поддржаа каузата “Излези ЗА европска Македонија” што е најголемата поддршка дадена при непосредно гласање после независноста.

Бројот на гласови ЗА е поголем од бројот на гласови на сите победници на сите избори во историјата на државата. Иако опозицијата го бојкотираше референдумот, граѓаните од мнозинскиот демократски блок излеговме масовно, гласавме и потоа заедно со нашите сојузници успеавме да ја внесеме земјата во НАТО, а денес веќе сме во почетната фаза од преговорите со ЕУ.

Во меѓувреме, односите со Грција доживеа историски пресврт и денес на наша страна имаме уште еден сосед, силен сојузник од редовите на ЕУ и НАТО. Пет години после референдумот за нашиот историски исчекор напред, исправени сме пред нови комплексни предизвици.

Нашата влада успеа да најде компромисно решение со Бугарија претставено во европскиот предлог и во нашата преговарачка рамка, а дел од тоа решение содржи и наши обврски за кои е неопходен натпартиски мнозински договор. И кога веќе сите партии демонстрираат одлучност за членство на Северна Македонија во ЕУ, време е за нов македонски успех.

Во тоа име повикувам на одговорност и на постапки со кои ќе ги обезбедиме сите услови и ќе го искористиме поволниот геополитички момент за наше членство во Унијата најдоцна до 2030 година” стои во објавата на Заев.

Треба да знаете
Последни објави