Пет млади лица ги реализираа своите бизнис идеи преку грантови на ПСМ Фондацијата

ПСМ Фондацијата заедно со проектниот конзорциум во состав на проектот „Балканско-медитерански центар за претприемништво и иновации” (БалканМед ИННОВА) успешно финансираше, менторираше и обучи пет стартап компании на млади лица чии бизнис идеи беа наградени со грантови за почнување бизнис со вкупен фонд од 20.000 евра.

Добитниците на грантовите се победници на натпреварот за бизнис планови, млади лица од земјава, кои учествуваат во онлајн акцелераторска програма за почнување бизнис.

За учество на програмата аплицираа вкупно 250 лица од целата земја, а таа содржеше пет фази. Прва фаза – пред-акцелераторска програма со одржани вебинари за генерирање на бизнис идеи, втора фаза за подготовка на бизнис канвас, третата фаза во која се вршеше селекција на 10 најдобри бизнис идеи, по што во четвртата фаза тие беа менторирани од експерти во областа за развој, и конечно петтата фаза бизнис план натпревар, каде пет најдобри идеи добија финансиска поддршка за почнување на нивните бизниси.

Петте најиновативни идеи кои беа избрани и добија финансиска поддршка по 4.000 евра за почнување на сопствените бизниси се: „Беровко”, основач Душица Крстеска – Производство на домашни џемови, сирупи и безглутенски тестенини, „Анти-стрес соба”, основач Горан Бошковски – Специјализирана просторија за ослободување од стрес и задоволување на адреналински потреби. „Еден живот”, основач Мартин Спасовски – Развој и производство на електричен мотор, „Камера Обскура”, основач Нена Минчев – Центар за медиуми и забава – креативен простор за соработка, продукција, изложби и аудио-визуелни проекции и „Маткасе”, основач Васја Петковска – Услуга за испорака на комплети со рецепти за јадење (meal kits).

Компаниите успешно ги искористија финансиските средства доделени од ПСМ Фондацијата, кои беа употребени за набавка на опрема, материјали и услуги со цел започнување на бизнисите. Компаниите активно ги имплементираат нивните бизнис активности, соработуваат со маркетинг агенции и започнуваат со промоција со цел запознавање на пазарот и купувачите со нивните услуги.

Проектот, кој почна во 2017 година, имаше за цел низ обука, размена на знаења и искуства, како и трансфер на технологии да овозможи поддршка на веќе постоечки мали и средни претпријатија, како и на сите потенцијални стартапи. Проектот беше насочен кон претприемачите, а целта беше да се здобијат со нови знаења и вештини и да воспостават контакти со бизнис заедниците од земјите-партнери на проектот.

Активностите беа спроведени преку проектот БалканМед ИННОВА, финансиран од Европската Унија.

Треба да знаете
Последни објави