Ќе има помалку договори, но во Прилепско и Долненско тутунопроизводството останува главна земјоделска култура

Вонредната состојба не го смени ставот на тутунарите дека тутунопроизводството е една од најдоходовните земјоделски гранки. Садењето на тутунот е при крај, а во некои региони ќе стигне раната прва берба од годинашнава реколта тутун.

Од прилепската подрачна единица на Министерството за земјоделство сметаат дека во Прилепско-Долненскиот регион има зголемен интерес и ќе има над 1.000 договри повеќе.

Според Зоран Пачешкоски, раководител на подрачната единица, повеќе од половината нови договори се на млади земјоделци.

– Годинава е поголем интересот за тутунопроизводство во Прилепско-долненскиот регион. Лани имавме околу 8.000 договори, а годинава се над 9.000 склучени договори со откупувачите. Тоа значи дека има околу 1.000 договори повеќе, од кои повеќе од половината се на млади земјоделци кои првпат отовраат земјоделско стопанство. Тоа се должи на лани најдоброплатената година за тутунарите и за исплатените повисоки субвенции. Освен што тутунот е добро платен, за младите земјоделци има мерки, како што е Млад земјоделец, околу 20 000 евра неповратни средства, преку ИПА, па како „Рурална жена”, па младите се насочуваат спрема земјоделството, вели Пачешкоски.

Но, од Сојузот за земјоделски здруженија на Македонија велат дека околу 3.000 договори годинава се помалку склучени со тутунарите во македонија, а за околу 4.000 тони ќе биде помал родот. Според Методија Стомнароски, поради пандемијата не е позната причината зошто е намалено склучувањето договори со откупувачите во земјава.

– Лани беа склучени 32.728 на површина од 13.346 хектари за 26.730 тони. Годинава се склучени 29.932 на површина од 12.095 хектари за 22.959 или 23.000 тони. Што значи имаме намалување во споредба со минатата година. Не можам да кажам која е причината, сепак се тоа приватни откупни компании. Поради пандемијата немаме средби со откупувачите. Во спротивно ќе имавме информации зошто има намалување во склучените договори и на помали површини. Инаку, со засадувањето е помалку, зашто никој нема да ризикува да сади тутун на недоговорен род, вели Стомнароски.

Сојузот настојува да се зголемат цените на тутунот за, како што бара, од 10 до 20 насто и да има три класи тутун.

– На Правилникот што им го понудивме на откупувачите, тие тогаш ни најдоа забелешки. Сега го подготвуваме, ги коригираме забелешките за да биде прифатен. Ние бараме за наредната година тутунот да се проценува во три класи, бараме зголемување на цената по класите и од тоа не се откажуваме. Некои компании, со склучувањето договори ги зголемија цените, но ние ќе настојуваме да се достигне цената што ја бараме. Ќе бараме сите фирми, со анекси, да го изедначат зголемувањето на цените, за да не бидат тутунарите манипулирани. Ние бараме 10 до 20 насто зголемени цени и да се проценува тутунот во три класи. Односно, за прва класа бараме исто, да биде 280 денари за килограм, за втора класа бараме 220 денари наместо досегашните 200 денари, а за третата класа еден килограм да биде 170 денари, наместо 150 денари. Битно ни е цените од втора и од трета класа да се доближат и да нема голема разлика, објаснува Стомнароски.

За време на вонредната состојба, подрачната единица на Министерството во Прилепскиот регион издаде над 2000 дозволи за земјоделците да работат во полето и покрај полицискиот час.

Инаку, над 100 тутунари од регионот кои немаат земено субвенции поради неплатена закупнина за пасишта, за одводнување или поради грешка при трансакцијата, по завршувањето на вонредната состојба потребно е да се обратат во подрачната единица на министерството за земјоделство и ќе се решат проблемите, порачувата од прилепската подрачна единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Треба да знаете
Последни објави