Кежаровски: Конечно, ние сме на добар пат да изградиме општество со независни и слободни медиуми

По повод Меѓународниот ден на слободата на медиумите, новинарот Томислав Кежаровски, преку видео обраќање потсетува на важноста од слободното изразување на новинарите и медиумите.

Тој вели дека сака да потсети на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога, како што рече, гласот на новинарите беше стишуван, спречуван и цензуриран, освен за оние кои беа блиски до тогашните структури на власта.

-Јас лично бев жртва на линчот кој го спроведуваше таа власт кон сите оние кои укажуваа на недостатоците во нивното работење. Не успеав да ја избегнам казната, напротив, и покрај мојата невиност, поминав низ долга, тешка и агонична животна епизода, истакнува Кежаровски.

Според него, новинарите се и треба да бидат коректив на власта во една држава, а новинарското перо најсилното оружје против оние кои ќе заборават дека ја имаат власта за да ги застапуваат интересите на својот народ, а не своите лични интереси.

-Изодевме долг пат до ова на што сме денес. Не велам дека нема недостатоци. И натаму треба посветено да работиме во интерес на слободното изразување на медиумските работници и целосна независност на медиумите. Конечно, ние сме на добар пат да изградиме општество со независни и слободни медиуми, да поставиме камен-темелник на вистинска демократија и систем на здраво владеење, порачува Кежаровски во неговото видео обраќање.

Треба да знаете
Последни објави