Search

Потрагата завршена: Ни трага, ни глас од Емилијано Сала

Без трага од авионот и патниците, полицијата на Гернси реши да ја откаже потрагата по фудбалерот Емилијано Сала, кој пред неколку дена го официјализираше неговиот трансфер во Кардиф Сити.

Началникот на полицијата од градот Гернси, Дејвид Баркер, денеска преку официјална изјава соопшти дека потрагата по авионот на Емилијано Сала е откажана поради недоволно докази дека фудбалерот би можел да биде жив.

„И покрај напорите, потрошеното време и средства во оваа потрага, не успеавме да пронајдеме ниту еден дел од авионот, пилотот или патникот. Ги прегледавме сите податоци од мобилните телефони, како и сателитските снимки, а притоа имаме насобрано преку 80 часа во физичка потрага по луѓето кои беа во авионот. Шансите за преживување во вакви временски услови се екстремно мали, па затоа моравме да ја донесеме тешката одлука да ја откажеме потрагата“, изјави Дејвид Баркер.

Полицијата ги извести членовите на семејствата на Емилијано Сала и пилотот на авионот за одлуката, и им изрази сочувство бидејќи веќе почна да ги третира двајцата како мртви.

„Последната екипа која беше во потрагата по исчезнатиот авион веќе се врати дома. Иако престануваме со активната потрага, сепак продолжуваме да бараме докази за несреќата. Потрагата по авионот ќе продолжи додека тој не биде пронајден“, додаде Баркер.

Авионот во кој беше Емилијано Сала исчезна во понеделникот, кога тој патуваше од Нант кон Кардиф за да му се приклучи на новиот тим. Сала направи трансфер во Кардиф за да го засили англискиот прволигаш во борбата за опстанок во Премиер лигата.

Треба да знаете
Последни објави