Search

Кулибали: Горд сум на мојата боја на кожа

Карло Анчелоти упати силни критики до судијата на натпреварот помеѓу Интер и Наполи кој синоќа се одигра на Џузепе Меаца, тврдејќи дека судијата ги игнорирал неговите барања мечот да биде прекинат откако навивачите на Интер пееја навредливи песни против Калиду Кулибали, нарекувајќи го „мајмун“.

Замената Лаутаро Мартинез го постигна единствениот гол на натпреварот во 92 минута и му ја донесе победата на Интер, но таа брзо ќе биде заборавена поради инцидентите кои се случија пред и за време на натпреварот.

„Синоќа владееше чудна атмосфера. Трипати побаравме мечот да биде суспендиран поради навредите кои навивачите на Интер ги упатуваа кон Кулибали, но судијата ги игнорираше нашите барања“, изјави Анчелоти.

Однесувањето на навивачите на Интер беше критикувано од страна на сите играчи и тренери кои имаа шанса да зборуваат со медиумите во изминатите часови откако заврши натпреварот, но сепак имаше голем придонес за резултатот од дуелот. Навредливите скандирања го изнервираа Калиду Кулибали, кој до крајот на натпреварот доби и црвен картон поради тоа што судијата оцени дека фудбалерот „му се потсмевал“, иронично аплаудирајќи му откако го доби првиот жолт картон.

„Разочаран сум поради поразот, но најмногу од сѐ поради тоа што ги извисив моите браќа. Но, горд сум на мојата боја на кожа. Горд сум што сум Французин, Сенегалец, Неаполитанец: човек“, напиша Кулибали на неговиот Twitter профил.

Поради расистички скандирања против истиот играч, навивачите на Јувентус „заработија“ казна за нивниот клуб. На Јувентус му беше наредено да затвори дел од трибините и да плати парична казна од 10.000 евра поради навредите упатени кон дефанзивецот на Наполи.

Треба да знаете
Последни објави