Search

Роналдо го предизвика Меси: Можеби му недостигам, се надевам дека ќе ми се придружи во Серија А

Животот во Торино изгледа сјајно за Кристијано Роналдо, кој веќе постигна 10 гола во лигата и остана непоразен во 15-те натпревари одиграни досега. Бидејќи во Италија нема вистинска конкуренција, тој го повика неговиот најголем ривал, Лионел Меси, да му се придружи во Серија А.

Јувентус игра во историски добра форма а Кристијано Роналдо е во голем дел заслужен за тоа. Од 15 одиграни натпревари, Јувентус победи во 14 и ремизираше само еднаш, а Португалецот постигна 10 гола.

Во меѓувреме, неговиот најголем ривал Лионел Меси ја одржува Барселона на врвот на Ла Лига иако каталонскиот тим не игра уверливо како во претходните години. Меси веќе постигна еден гол повеќе од Роналдо во оваа сезона и изгледа дека е среќен во Барселона, но Роналдо и понатаму се надева дека Аргентинецот ќе ја промени средината и ќе му се придружи во Италија.

„Можеби му недостигам на Меси. Играв во Англија, Шпанија, Италија, Португалија и за националниот тим, додека тој и понатаму е во Шпанија. Можеби навистина му требам. За мене животот е предизвик, го сакам тоа и сакам да ги направам луѓето среќни. Би сакал да дојде во Италија и да ми се придружи во Серија А, но ако е навистина среќен тогаш го почитувам поради тоа што остана во Ла Лига“, изјави Роналдо.

Според изјавите на Португалецот, може да се заклучи дека тој е навистина задоволен во новата средина. Кристијано вели дека е посебно импресиониран од играчите во составот на Јувентус, кои смета дека се многу скромни, за разлика од неговите соиграчи во Реал Мадрид.

„Тука не ми недостига ништо. Ова е мојот живот и во моментов сум среќен. Можам да кажам дека ова (Јувентус) е најдобрата група на луѓе со кои имам работено, бидејќи знаеме дека сме тим, сите сме скромни и сакаме да победуваме. И играчите во Мадрид беа скромни, но не како овие во Торино. Се чувствувам како дел од семејство“, додаде Роналдо.

Иако беше познат по добрите односи со соиграчите во Реал Мадрид, Роналдо изјави дека медиумите треба да престанат да пишуваат шпекулации за потенцијални трансфери на Герет Бејл, Марко Асенсио и Џејмс Родригез, бидејќи на Јувентус не му се потребни тие играчи.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави