Search

Милан посакува враќање на Ибрахимовиќ во јануари

Некогашниот италијански гигант Милан деновиве се обидува да воспостави контакт со агентот на Златан Ибрахимовиќ со цел да преговара за негово потенцијално враќање во Серија А. Милан има проблеми во нападот а тренерот Гатузо смета дека Ибрахимовиќ би можел многу да му помогне на тимот до крајот на сезоната.

Златан Ибрахимовиќ изгледа како да не старее. Иако денеска го слави 37-от роденден, тој сѐ уште игра во фантастична форма и во 24 натпревари за Лос Анџелес Галакси постигна 20 гола.

Швеѓанецот е повторно во центарот на вниманието во фудбалска Европа поради тоа што за него покажаа интерес неколку клубови кои имаат проблеми во нападот. Еден од тие клубови е Милан, каде Ибрахимовиќ настапуваше од 2010 до 2012 година.

Тренерот на Милан, Џенаро Гатузо, го идентификуваше Ибрахимовиќ како идеално решение за подобрување на нападот и смета дека тој треба да пристигне уште во јануари, доколку Милан сака да остане сериозен конкурент за едно од четирите места на табелата кои водат во Лигата на шампионите.

Доколку дојде до договор помеѓу Милан и ЛА Галакси, Ибрахимовиќ веќе од јануари повторно ќе го облече дресот на италијанскиот клуб и ќе добие договор до крајот на сезоната.

Во периодот кога настапуваше за Милан, тој ја освои Серија А, беше победник во италијанскиот Суперкуп, а притоа постигна 56 гола во 85 натпревари.

Треба да знаете
Последни објави