Search

Почнува Светското првенство во Русија: Германија ја брани шампионската титула

Од денеска па се до 15 јули во Русија ќе се одржи 21-то по ред Светско првенство во фудбал.

 

Ова ќе биде последно првенство во стандардниот летен период на кое ќе учествуваат 32 екипи, во однос на тоа дека следното првенство се одржува во Катар во ноември и декември 2022 година, а на Мундијалот во 2026 година во САД, Мексико и Канада ќе учествуваат 48 селекции.

Титулата првак од пред четири години ја брани Германија, која предводена од селекторот Јоаким Лев сака да испише историја.

Германија во борба за петтата титула шампион

Со евентуален триумф Германија би се изедначила со Бразил по бројот на титули (5), односно ќе стане само третата селекција која ја одбранила титулата за најдобра екипа на светот. Порано тоа им успеваше само на Италија и Бразил.

Исто така, Лев би станал вториот селектор кој два пати освоил Мундијал.

Првенството почнува денеска со натпревар од групата А помеѓу домаќинот Русија и Саудиска Арабија.

Покрај Германија, најголеми фаворити за освојување на турнирот се Бразил, Франција и Шпанија, а како фаворити „во сенка“ се репрезентациите на Аргентина, Белгија, Португалија и Англија.

Од земјите од регионот во Русија ќе настапат Србија и Хрватска.

Најголем аутсајдер и најголемо изненадување на Мундијалот е селекцијата на Панама, која се пласираше на турнирот во Русија и покрај негативната гол разлика во квалификациите.

Победникот добива 32 милиони евра

Победникот на турнирот, покрај тоа што четири и пол години ќе има статус на најдобра светска екипа, ќе добие и 32 милиони евра. Поразениот финалист ќе добие 24, третопласираната селекција 20, а четвртопласираната 18 милиони евра.

Екипите кои ќе испаднат во четвртфиналето ќе добијат по 13,5, а поразените осминафиналисти по 10 милиони евра.

Сите екипи кои ќе испаднат во групната фаза од натпреварувањето ќе заработат по 6,5 милиони евра.

Треба да знаете
Последни објави