Search

ФИФА размислува за настап на 48 репрезентации на Мундијалот 2022 година

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, размислува околу опцијата на Светското првенство во Катар 2022 година да настапат 48 репрезентации. Тоа би била промена на планот, бидејќи беше најавено дека проширувањето на Светските првенства ќе стапи на сила дури во 2026 година.

 

ФИФА ќе провери дали Катар е во можност да прими уште 16 репрезентации, односно да биде домаќин на уште 16 натпревари од Мундијалот.

Проширувањето од 32 на 48 репрезентации првенствено беше планирано за Светското првенство 2026 година, но откако вчера од јужноамериканската конфедерација CONMEBOL предложија проширувањето да се забрза, во ФИФА почна сериозно да се размислува за промена на планот.

„Тоа е многу интересна идеја. Мораме да провериме колку целото тоа е возможно, бидејќи одлуката не е само на ФИФА или CONMEBOL. Но, Ако е тоа можно, зошто да не го направиме?“, изјави Инфантино.

Катар моментално планира изградба на осум стадиони, но за потреби на првенство во кое би учествувале 48 репрезентации потребни се 12 стадиони.

Катар во 2010 доби поддршка од ФИФА за организација на Светско првенство.

Визијата беше да се искористат земјите од Средниот исток. Поради тоа, постои опција сите обврски да не бидат само на Катар, туку во организацијата да се вклучат и другите земји од овој регион.

Меѓутоа, надежта за заедничко првенство во тамошниот регион се загрозени, откако комшиите на Катар, како Бахреин, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати ги раскинаа дипломатските врски минатата година.

Поради тоа Кувајт, поради добриот однос со Катар, би можел заедно со него да биде домаќин на Мундијалот, посебно затоа што на Кувајт му беше укината суспензијата од ФИФА во декември.

Треба да знаете
Последни објави