Skip to main content
Македонија

13-годишник и натаму животнозагрозен – по крвавата пресметка се кројат построги мерки

04/09/2026  22:23

Тринаесетгодишното момче кое беше избодено со нож во пределот на срцето и понатаму се бори за живот. Неговата состојба е стабилна, но сè уште животнозагрозувачка, а лекарите будно го следат неговото здравје по тешките повреди здобиени во инцидентот.

Во врска со крвавата пресметка полицијата приведе пет лица, додека мотивите и околностите што довеле до насилството сè уште се утврдуваат.

Случајот повторно го отвори прашањето за сè позачестеното насилство меѓу малолетниците и потребата од посилен и координиран одговор на институциите. Во изминатите месеци јавноста беше сведок на повеќе сериозни инциденти – од малтретирањето на ученичка во април, до случајот во Куманово во јули.

По последните случувања, надлежните најавуваат системски мерки со кои превенцијата на врсничкото насилство треба да стане постојан процес, а не да се сведува само на повремени кампањи и краткотрајни проекти.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека Министерството за образование и наука, во соработка со Град Скопје, подготвува сет превентивни активности чија цел е воспоставување траен систем за спречување и навремено препознавање на насилството меѓу младите.

Паралелно, во Општина Чаир се формира платформа во која треба да бидат вклучени општината, училиштата, психолозите и родителите. Предвидено е формирање работни групи за побрза координација, размена на информации и навремена реакција кога ќе се појават ризици од насилно однесување.

Дел од мерките веќе се спроведуваат и во училиштата. Направени се промени во организацијата и распоредот на дежурните наставници, а паралелно се подготвува и законско заострување на одговорноста.

Во собраниска процедура се законски измени со кои се предвидуваат и парични казни за родители чии деца вршат насилство.

Последниот случај со 13-годишното момче уште еднаш го вклучи алармот за безбедноста на децата и младите. Прашањето што останува е дали најавените мерки ќе успеат да го спречат насилството пред да дојде до нов инцидент со тешки последици.