Search

Албанските социјалисти ја почнуваат постапка за разрешување на Мета

Пратеничката група на албанската владејачка Социјалистичката партија ги собра неопходниот број потписи на пратеници и почнува постапка за разрешување на претседателот на Албанија, Илир Мета.

Партиски извори информираа дека свој потпис на барањето ставиле 55 пратеници или 20 повеќе отколку што се бара според Деловникот за отпочнување постапка за разрешување на шефот на државата. Барањето ќе биде депонирано денеска до службите на Парламентот.

Освен пратеници социјалисти, меѓу оние кои се потпишале на барањето има и претставници на Демократската партија и на Социјалистичкото движење за интеграција, кои ги одбија барањата на своите партии за повлекување од Парламентот.

Албанскиот Парламент вчера со 100 гласови „за”, од кои 25 од пратеници на опозицијата, усвои Резолуција со која ја отфрла уредбата на претседателот Мета за одлагање на локалните изборите и се оценува како чин со кој го крши Уставот. Усвојувањето на овој документ беше оценето како прв чекор кон разрешување на шефот на државата.

За разрешување на Мета од претседателската функција се потребни 94 гласови. Усвојувањето на Резолуцијата со 100 гласови покажува дека албанскиот премиер Еди Рама го има потребниот број гласови за да го смени Мета, кој токму со негово залагање стана претседател на државата пред две години.

Претседателот во Албанија го избира законодавниот дом.

Инаку, доколку Парламентот изгласа разрешување на Мета, одлуката за тоа дали тој ќе биде разрешен од функцијата или не, треба да ја потврди Уставниот суд на Албанија.

Меѓутоа, оваа највисока судска инстанца не функционира повеќе од една година. Во моментот има само еден судија и тој со истечен мандат, додека другите осум беа разрешени откако не го поминаа процесот на ветинг, односно не можеа да го објаснат потеклото на својот имотот.

Доколку биде направи итен обид за негово профункционирање, тоа нема да биде можно, бидејќи тројца од членовите ги предлага Парламентот, тројца претседателот на државата, а тројца Врховниот суд, кој исто така не функционира.

Треба да знаете
Последни објави