Skip to main content
Економија

Проекциите за раст на економијата за следната година се 3,5%, се базираат на инвестиции во државата

23/10/2024  13:21

Растот на македонската економија според проекциите на Министерството за финансии за оваа година е 2,1%, а за наредната и повеќе од 3,5 %, додека буџетскиот дефицит 4%. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за Гласот на Америка

„Го менуваме комплетно економскиот концепт во насока на тоа дека ќе поддржуваме инвестиции, а не потрошувачка. Во тек е оној голем проект којшто го најавивме за општините. Повикот е во тек така што тука ќе има голема реализација. Исто така, 250 милиони евра поддршка за приватниот сектор. Значи очекуваме дека дефинитивно ќе ги оствариме оние стапки на раст коишто ние како Министерство за финансии ги проектираме, а тоа е 2,1% до крајот на годината и за следната година ќе видиме ама ќе биде повеќе од 3,5 проценти“, рече министерката осврнувајќи се на проекциите на Светска банка, кои како што вели се логични ако се земат предвид претпоставките што ги користи СБ, а тоа е она што остана до претходната Влада, слаби резултати и низок раст на БДП.

Во однос на буџетскиот дефицит, во интервјуто наведува дека преку ноќ не може да се постигнат фискалните правила за буџетскиот дефицит до 3% од БДП и јавен долг до 60% и дека е потребно време за да се консолидира.

„Следната година е планиран буџетскиот дефицит на 4%, потоа следната на 3,5% и да стигнеме до 3%, односно до комплетна консолидација. Она што е најважно барем во овој момент по мене, а тоа е корупцијата и мислам дека тука барем како министер за финансии, којшто е одговорен за дел од институции коишто треба, исто така, да внимаваат многу, барем во делот на сивата економија, би рекла дека тука веќе немаме компромис и силно се бориме против корупцијата и криминалот и во тој дел очекувам позитивни резултати во периодот којшто следи“, рече министерката за финансии.