
Украина ќе продолжи со нападите врз руските рафинерии, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Фајненшл тајмс“. „Ограничувањето на нападите врз рафинериите повеќе не важи. Заврши“, изјави Зеленски за британскиот весник.
Тој ја критикуваше подготвеноста на Вашингтон да склучува деловни договори со Москва и очигледното восхитување на американскиот претседател Доналд Трамп кон рускиот претседател Владимир Путин, објави „Фајненшл тајмс“.
Во саботата, Трамп ја повика Украина да го замени Зеленски и остро ги критикуваше нападите на Украина врз руската нафтена инфраструктура. Тој го стори тоа еден ден откако објави договор со Русија за снабдување со дизел гориво, со цел да се намали притисокот врз цените на горивата, кои се зголемија откако започна војната меѓу САД и Израел со Иран во февруари.
Зеленски: Ограничувањата се завршени
Украина ги суспендираше нападите врз руските рафинерии за нафта и друга енергетска инфраструктура два дена откако Трамп објави енергетско примирје, рече Зеленски претходно оваа недела.
И покрај паузата во нападите од страна на Украина, Зеленски за „Фајненшл тајмс“ изјави дека украинските сили останале без американски системи за рано предупредување за дојдовни балистички ракети. Во исто време, услугата за сателитски комуникации „Старлинк“, во сопственост на Илон Маск, беше забавена низ целата земја, отежнувајќи ги операциите на фронтот и нападите со среден дострел врз руски воени цели.
Украинските воени претставници добија предупредување од нивните американски колеги дека доколку не ги запрат нападите врз енергетската инфраструктура, ќе им бидат одбиени разузнавачки информации, рече Зеленски. Тој додаде дека на Киев подоцна му било дадено објаснување дека станува збор за технички проблем. Тој ја отфрли можноста тешкотиите со сателитскиот систем Старлинк да се должат на техничка грешка. „Не беше технички проблем, туку прашање на волја“, изјави Зеленски за Фајненшл тајмс.
На прашањето дали Украина би се согласила да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура со цел да ги подобри односите со Белата куќа, Зеленски рече дека тоа може да го стори само во замена за дополнителни американски ракети-пресретнувачи „Патриот“. Тој ја нарече таквата испорака „минимум“ што би бил прифатлив за Украина.


