Skip to main content
Македонија

Нов протест во Крива Паланка: Во сабота граѓаните ќе бараат трајно решение за кравите без надзор

25/11/2026  11:16

Жителите на Крива Паланка во сабота, 28 ноември, повторно ќе излезат на мирен граѓански протест поради долгогодишниот проблем со добитокот што неконтролирано се движи низ градот и околните села. Собирањето е закажано за 11 часот на магистралниот пат кај Градечки мост, спроти Градскиот парк.

„Пораката е недвосмислена: потребни се дела, јасни рокови и резултати“, се наведува во повикот.

Жителите се жалат на уништени насади, оштетен имот и опасности од движењето на животните по улиците и патиштата. Добиток бил забележан и во училишни дворови. Според локалното население, проблемот трае повеќе од 15 години.

Градоначалникот Сашко Митовски претходно побара од централните власти прогласување 30-дневна кризна состојба. Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека се заловени 96 крави, додека според процените што ги изнесуваат локалните власти, бројот на добитокот што го создава проблемот е околу илјада.

Општината поднесе и кривични пријави поради непостапување по решенијата за одземање на животните.

На претходниот протест, одржан на 21 ноември, граѓаните побараа итна институционална реакција и заштита на нивните семејства и имоти. Митовски тогаш порача дека ќе остане со жителите до спроведување на решенијата, а претседателот на општинскиот Совет, Миле Трајковски, најави порадикални протестни мерки доколку изостане конкретно постапување.