Skip to main content
Свет

Зеленски е подготвен да се откаже од членството на Украина во НАТО во замена за безбедносни гаранции од САД и ЕУ

15/12/2025  11:29

Украина е подготвена да се откаже од инсистирањето за членство во НАТО доколку САД и европските партнери понудат доволно безбедносни гаранции како дел од преговорите за мировниот договор, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, цитиран од Фајненшл тајмс.

Украина и европските лидери работат на мировен план од 20 точки подготвен од САД, кој вклучува и територијални отстапки во корист на Русија.

Зеленски веќе објави дека сè уште не добил одговор од Белата куќа за амандманите предложени од Киев на документот.

Во Берлин вчера се одржаа консултации меѓу претставници на Германија, Велика Британија и Франција за предлозите за завршување на војната, пред состанокот на Зеленски со лидерите на трите земји.

Зеленски вчера имаше петчасовен разговор со американскиот специјален претставник Стив Виткоф и Џеред Кушнер, а по средбата најавено беше дека разговорите ќе продолжат и денеска.