
Со видлив подлив на десното око, Сара Ѓорѓиеска денеска се појави во Основниот суд во Охрид, подготвена да се соочи со Кристијан Корабоски, обвинет за нејзиното претепување. Сепак, обвинетиот не се појави во судницата, иако бил спроведен во судот и се наоѓал во притворското одделение.
Судењето беше одложено за 1 декември, откако Корабоски непосредно пред почетокот на рочиштето побарал изземање на сите јавни обвинители во Основното јавно обвинителство во Охрид. Барањето за изземање на судиите е одбиено, додека за обвинителите сè уште се чека одлука.
Адвокатот на оштетената, Ѓоко Шајн, оцени дека ваквото постапување претставува обид за одолговлекување на судската постапка и избегнување на одговорноста.
„Сметам дека заради одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста на обвинетиот Кристијан Корабоски, еве видовте не беше присутен во судницата, туку беше присутен во судот во притворското одделение. Требаше да биде тука во судницата како што сме присутни оштетената, јавниот обвинител и јас како полномошник на оштетената“, рече Шајн.
Според адвокатот, Сара не била ниту прашана дали сака да присуствува на судењето и да се соочи со обвинетиот, но таа самата инсистирала да биде присутна, да се соочи со него и да ја каже вистината за настанот.
Основното јавно обвинителство во Охрид поднесе обвинение против Корабоски за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
„При вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на една оштетена“, соопштија претходно од Обвинителството.
Нападот се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ. Според полициските информации, на физичкиот напад му претходела расправија која започнала во домот на обвинетиот, а продолжила во автомобил.
Ѓорѓиеска по нападот била хоспитализирана, а по отпуштањето од Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, биле извршени дополнителни медицински испитувања во Скопје.
Во рамките на постапката, Обвинителството обезбедило медицинска документација, вештачење на повредите, како и видеоснимки поврзани со настанот.
Корабоски првично беше пуштен на слобода со мерки на претпазливост, што предизвика бурни реакции во јавноста. На 16 ноември, поради нови околности во постапката, тој повторно беше приведен, а судот му определи 30-дневен притвор поради опасност од бегство и повторување на кривичните дела.
Паралелно со судската постапка, Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи врши проверки за евентуални пропусти во првичното полициско постапување.
Обвинителството прибира и дополнителни докази за евентуална кривична одговорност на таткото на обвинетиот, под сомнение за помагање при извршување кривично дело. Одлуката за евентуално поведување постапка против него ќе биде донесена по анализа на собраните докази.
Следното рочиште е закажано за 1 декември, кога се очекува да продолжи судската постапка против Корабоски.


