
Густ чад денеска се издигна над Скопје откако избувна пожар во близина на Визбегово, каде што, според првичните информации, гореле отпад, индустриска опрема и стари возила складирани на приватен имот.
Од Центар за управување со кризи информираат дека преку бројот 112 била примена пријава за запалена машина за мелење железо на улицата 1675 број 24, на подрачјето на Шуто Оризари.
На терен веднаш интервенирале екипи на противпожарната бригада на Град Скопје со две возила, кои активно работат на локализирање на огнот.
Во меѓувреме, пожар избувнал и во Визбегово, во близина на скопската обиколница, каде што биле складирани стари автомобили. Од Град Скопје соопштија дека интервенцијата е во тек и дека на терен се ангажирани сите расположливи ресурси – возила, опрема и пожарникари.
Покрај противпожарните служби, на локацијата се присутни и инспектори од Град Скопје, а за случајот се известени Министерство за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина и Јавното обвинителство.
Надлежните апелираат до граѓаните да останат смирени и да ги почитуваат препораките додека трае интервенцијата. Состојбата се следи континуирано, а институциите постапуваат координирано со цел пожарот да биде ставен под контрола и да се заштити населението.
Од Град Скопје нагласуваат дека нема да се толерира неодговорно однесување, особено создавање диви депонии кои претставуваат сериозен ризик за здравјето и животната средина.
„Секој што го загрозува јавниот интерес мора да сноси одговорност“, стои во официјалното соопштение.


