
Делегација на Левица, предводена од членовите на Централниот комитет Андреа Јанков, Александар Димитријевиќ и Славко Митевски, денеска положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, оддавајќи почит на неговото дело и жртва.
Делчев не беше само војвода и организатор, туку и мислител со јасна визија за Македонија како држава на слободни и рамноправни граѓани. Неговата борба не беше водена од тесни интереси, туку од длабоко чувство за правда, солидарност и народно ослободување.
Левица потсетува дека делото на Делчев не смее да се сведува на протоколарни чествувања и декларативни изјави, туку треба да претставува жива идеја и водилка за политичко делување. Во време на социјална неправда, економска нееднаквост и отстапување од националните интереси, неговите пораки се поактуелни од кога било.
Нашата обврска како современици е да ја продолжиме борбата за достоинствен живот, социјална правда и вистинска слобода – вредности за кои Делчев го даде својот живот.
Нека е вечна славата на македонскиот великан, револуционер и социјалист Гоце Делчев!

